Шаќири вели дека Тетовскиот универзитет е „расадник на квалитетни кадри“ кои ја водат државата напред

Фото: Фејсбук/Јетон Шаќири

Државниот универзитет во Тетово (ДУТ), според министерот за образование Јетон Шаќири, е „расадник на квалитетни кадри кои успешно се интегрираат во сите сегменти на општеството и голем дел од нив покажувајќи лидерски способности, учествуваат во креирање на позитивни промени и придвижувањето на државата напред“. Шаќири денеска учествуваше на манифестацијата по повод 28 години од основањето на универзитетот.

На манифестацијата присуствуваа претставници на академската и научната фела во државата, студенти претставници на извршната и законодавната власт во државата, како и претставници на дипломатскиот кор.

-Со основањето на Универзитетот во Тетово, првиот државен универзитет со настава на албански наставен јазик се оствари идејата на многу наши предци, интелектуалци и луѓе со мисија и визија да направат нешто за да се унапреди образованието на Албанците во Северна Македонија. Нивниот некогашен сон денес е реалност во која сите живееме, рече Шаќири во своето обраќање.

Тој изрази благодарност до сите кои имаат придонес во основањето на Универзитетот во Тетово и до сите кои се трудат тој да напредува и да прераснува во еден од најсилните столбови на високообразовниот систем во државата.

-Денеска студии на сите три циклуси се организираат во современ објект, модерни амфитеатри, читални, лаборатории. Универзитетот има добро развиена мрежа на соработка со други образовни установи, со бизнис секторот и разни организации. На располагање се различни видови стипендии за студентите, како и средства за спроведување на научно истражувачки проекти. Најважно, Универзитетот има добро подготвен наставно – научен кадар од кој чест е да се учи и акумулира знаење, нагласи Шаќири.

Тој потсети дека Министерството за образование и наука неодамна изгради нов студентски дом за потребите на студентите од овој Универзитет и по завршување на неколку формалности, тој ќе биде предаден на користење.

Како што рече, оваа нема да биде последна инвестиција на државата во Универзитетот.

-Државната поддршка од сите аспекти ќе продолжи и во иднина, не само за овој, туку и за сите други државни универзитети, затоа што, немаме друга алтернатива освен да им понудиме квалитетно образование на граѓаните, додаде Шаќири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот