Шах: „Измамникот“ Ниман бара 100 милиони долари отштета од „клеветникот“ Карлсен

Ќе плати ли Магнус Карлсен огромна отштета? EPA-EFE/YOSHUA ARIAS

Светскиот шампион Магнус Карлсен отворено го обвини американскиот велемајстор Ханс Ниман дека победувал со измами, а овој бара отштета од најмалку 100 милиони долари

Американскиот велемајстор Ханс Ниман бара отштета од најмалку 100 милиони долари од светскиот шампион Магнус Карлсен, кој отворено го обвини младиот шахист дека победувал со измами.

Тужба доби и шаховскиот портал „chess.com“, кој објави извештај од експерти што докажуваат дека Ниман мамел на повеќе од 100 партии што ги одиграл преку интернет. Деветнаесетгодишниот велемајстор тврди дека Карлсен и порталот „се здружиле за да му ги уништат репутацијата и животот“.

Норвешкиот шампион Карлсен вчера не реагираше, а адвокатскиот тим на најпосетуваниот шаховски портал објави дека „обвинувањата се без основа“.

Ниман до неодамна важеше за еден од најголемите шаховски таленти и предводник на новата генерација млади велемајстори што може да му го загрози тронот на Карлсен.

Ниман бара астрономска сума EPA-EFE/MICHAEL THOMAS

Скандалот избувна во септември, кога Ниман го победи Карлсен во директно соочување, во партија во која според компјутерските анализи сите потези ги одиграл перфектно.

На следниот дуел Карлсен шокантно се предаде откако одигра само еден потег. Шампионот тогаш избегна директно да објасни зошто се предал без борба и изјави: „ако кажам, може да бидам во проблеми“.

Набрзо потоа, сепак, Карлсен отворено го обвини Ниман дека мамел и во директното соочување и многу пати претходно, а „chess.com“ по анализи на партиите објави дека младиот велемајстор тоа го правел повеќе од 100 пати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот