Метју Пери на забава на „Џеј-кју“ / Фото: Matt Baron/BEI / Shutterstock Editorial / Profimedia

Сестрите на Метју Пери тврдат дека неговиот асистент ги лажел и го оставил да умре

Семејството на Метју Пери бара правда по сознанијата дека долгогодишниот асистент на актерот, личност на која безусловно ѝ верувале, имал активна улога во неговото смртоносно предозирање во 2023 година.

Во пресрет на изрекувањето на пресудата, мајката на Пери и неговите сестри проговорија за длабочината на измамата на Кенет Ивамаса, кој ја признал вината за набавка и давање кетамин кој ја предизвикал смртта на актерот. Ивамаса бил пријател и асистент на Пери цели 25 години, а обвинителството за него бара казна од 41 месец затвор, пишува „Пипл“.

Кенет Ивамаса, кој денес треба да ја слушне пресудата, во 2024 година се изјаснил за виновен по точка од обвинението за заговор со цел дистрибуција на кетамин што довел до смрт. Тој признал дека ѝ инјектирал на ѕвездата од „Пријатели“ дисоцијативен анестетик три пати на денот на смртта, како и во претходни прилики.

Во пресрет на пресудата, мајката на Пери, Сузан Морисон, и неговите полусестри Кејтлин и Медлин напишале изјави во кои детално ја опишале измамата на Ивамаса.

„Тешко е со зборови да се опише чувството на предавство што го почувствував кога дознав што направил Кени“, напишала Медлин, најмладата ќерка на Сузан и нејзиниот сопруг, новинарот на „Датлајн Ен-Би-Си“, Кит Морисон. „Помислата дека некој кого мојот брат го сметаше за член на семејството може да направи такво незамисливо предавство, е нешто што никогаш не можев ни да го замислам.“

„На некој начин, се чувствував како мојот брат да умрел по втор пат“, продолжила таа. „Сè што верував за денот на неговата смрт — сè што ни кажа Кени — беше лага. Морав повторно да ја преживеам смртта на Метју од сосема нова и разорна перспектива.“

Медлин навела дека сега „болно јасни“ ѝ се моментите што покажуваат дека Ивамаса ја криел вистината од семејството. Се присетила на доаѓањето во куќата на брат ѝ за да избере облека за погребот и забележала дека „Кени делувал манично и вознемирено“.

„Повеќепати сам од себе ја нудеше својата верзија на настаните, иако никој не го прашуваше, како да е на интервју, а не во жалост за пријател… Во реалноста, се обидуваше да нè одврати од вистината: дека на мојот брат му инјектирал смртоносна доза кетамин и го оставил да умре во џакузи“, напишала таа.

Ивамаса исто така инсистирал да одржи говор на погребот на Пери, што Медлин сега го опишува како „сурова шега со која сè уште се борам“. Болката од предавството е толкава што сестрата сугерира дека „т.н. лојален асистент, кој набавувал дрога на различни начини, му инјектирал смртоносна доза и го оставил да умре“ носи поголема вина за смртта отколку лицето што му го продало кетаминот.

Кејтлин Морисон, извршна директорка на фондацијата „Метју Пери Хаус“, во своето писмо до судијата го повторила ставот на сестрата за Ивамаса.

„Досега обвинетите во овој случај беа снабдувачи — луѓе подготвени да ризикуваат животи и да искористуваат лица со зависност за лична корист“, напишала Кејтлин. „За нив речиси и да ми е жал. За Кени Ивамаса немам ни трошка сочувство.“

„Никогаш нема да знам дали смртоносната доза кетамин била случајна“, продолжила таа. „Но знам дека Кени, кога ја напуштил куќата, направил едно од двете. Или бегал од нешто што знаел дека го направил, или намерно оставил ранлива личност во опасна ситуација.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот