Серијата „Хари Потер“ доби втора сезона уште пред премиерата на првата
„Хари Потер“ (Harry Potter) официјално е обновена за втора сезона уште пред да биде емитувана првата, што покажува колкава доверба има Ејч-би-о во новата адаптација на култниот книжевен серијал, пишува „Варајети“.
Препорачано
Втората сезона ќе го адаптира романот „Хари Потер и Одајата на тајните“ (Harry Potter and the Chamber of Secrets), а снимањето на новите епизоди, според најавите, ќе започне уште оваа есен.
Од Ејч-би-о сакаат да избегнат долгите паузи меѓу сезоните, па продукцијата на втората сезона ќе се одвива паралелно со постпродукцијата на првата, чија премиера е закажана за 25 декември годинава.
Сценаристот Џон Браун е унапреден во креативен раководител на втората сезона, а продуцентката Франческа Гардинер изјавила дека ваквиот потег бил неопходен за да се одржи темпото на работа. Таа додала дека со Браун соработува уште од серијата „Наследници“ (Succession) и го пофалила неговиот сценаристички талент и тимски дух.
Сепак, од Ејч-би-о предупредуваат дека публиката не треба да очекува нова сезона секоја година.
Директорот на компанијата, Кејси Блојс, претходно објасни дека ваквите проекти бараат огромни продукциски тимови, долга постпродукција и комплексни визуелни ефекти, што значително го забавува процесот.
Првата сезона ќе се емитува неделно и, според процените, би можела да трае до февруари 2027 година.
Доколку продукцијата се одвива според планот, втората сезона би можела да пристигне во летото или есента 2028 година, иако официјален датум сè уште нема.
Проектот се смета за еден од најамбициозните на Ејч-би-о, а дополнителен предизвик е фактот што главните улоги ги толкуваат млади актери, поради што продукцијата ќе мора да работи со забрзано темпо за актерите да не ги „прераснат“ своите ликови.


