Сепаратистите брзаат да спроведат референдуми пред да се вратат украинските сили

Севернодоњецк фото EPA-EFE/ALESSANDRO GUERRA

Украинските сили објавија дека ослободиле дел од регионот Луханск во рамките на обемната контраофанзива во источниот дел од земјата, која ги принудува администрациите во сепаратистичките и окупираните области да ги забрзаат напорите за спроведување референдуми за припојување кон Русија.

Украина соопшти дека нејзините сили навлегле подлабоко на исток во територијата што неодамна ја напуштиле Русите, отворајќи го патот за потенцијален напад врз окупациските сили на Москва во регионот на Донбас.

– Окупаторите очигледно се во паника. Фокусот сега е на брзината на дејство во ослободените области, брзината со која се движат војниците, брзината со која се обновува нормалниот живот – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во прексиноќешното телевизиско обраќање.

Зеленски најави дека ќе го искористи обраќањето преку конференциска врска до Генералното собрание на Обединетите нации за да ги повика членките да ја забрзаат испораката на оружје и помош за Украина.

– Правиме сѐ за да обезбедиме задоволување на потребите на Украина на сите нивоа, на одбранбено, финансиско, економско и на дипломатско – порача Зеленски.

Украинските оружени сили објавија дека воспоставиле целосна контрола над селото Билохоривка и дека се подготвуваат да ја преземат целата провинција Луханск од руските окупатори.

– Ќе има борба за секој сантиметар. Непријателот подготвува одбрана – изјави гувернерот на провинцијата Сергеј Хајдај.

Украинската војска соопшти дека напаѓа области во регионот Луханск каде што се движат руските сили и поставуваат нова борбена линија по неодамнешното повлекување од соседен Харков. Генералштабот соопшти дека ги потврдиле руските загуби во нападот на градот Новоајдар во Луханск, тврдејќи дека „околу 50 единици воена опрема, како и муниција, биле уништени и оштетени“. Руските сили наводно се обиделе да мобилизираат 500 работници од фабрика, но биле одбиени.

Генералштабот, исто така, соопшти дека руските сили се обидуваат да се реорганизираат по неодамнешните загуби и дека гранатирале цели во Доњецк и во Запорожје.

Сепаратистичките сили во Луханск и во Доњецк воспоставија контрола врз овие региони во индустриското јадро Донбас уште по бунтот во Киев и соборувањето на претседателот Виктор Јанукович во 2014 година.

Украинските сили и проруските сепаратисти со години разменуваа оган на линијата на раздвојување, сѐ до почетокот на оваа година, кога Луханск и Доњецк официјално прогласија независност од Украина, а само неколку недели подоцна Русија изврши воена инвазија. Првичната цел на „специјалната операција“ на Русија беше воспоставување контрола на цела Украина преку напад врз Киев и промена на режимот, но откако беше одбиен првиот удар, стратегиската цел беше променета во воспоставувањето целосна контрола врз Донбас. Во Луханск и во Доњецк, како и во окупираните територии на југот на Украина беа планирани референдуми за отцепување и припојување кон Русија. Шефот на руската сепаратистичка администрација во провинцијата Доњецк Денис Пушилин го повика лидерот на сепаратистите во Луханск да ги здружат напорите за подготовка на референдум за приклучување кон Русија.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека е од „огромно значење“ сепаратистите во Украина поддржани од Москва да одржат референдуми за приклучување кон Русија.

Во објава на социјалните мрежи, Медведев посочи дека „официјалното припојување на народните републики Доњецк и Луханск во Русија е витален чекор за обезбедување на нивните интереси и може дополнително да ја оправда руската употреба на воена сила за да ги заштити“.

– Референдумите во Донбас се од големо значење не само за севкупната заштита на жителите на ЛНР, ДНР и другите ослободени територии, туку и за враќање на историската правда – објави Медведев.

Според него, припојувањето на двата региона кон Русија ќе бидат „неповрати геополитички промени“. Медведев додаде дека „Москва треба да им дозволи на самопрогласените републики да се приклучат бидејќи тоа дополнително ќе ја оправда употребата на воена сила во Украина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот