фото: EPA-EFE/ALESSANDRO CRINARI

Сеп Блатер до навивачите: Немојте да одите на Светското првенство во САД

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, во понеделникот јавно го поддржа предлогот за навивачки бојкот на натпреварите од Светското првенство во САД наредното лето, поради однесувањето на претседателот Доналд Трамп и неговата администрација, како на домашен, така и на меѓународен план.

Блатер е едно од големите имиња од светот на фудбалот кој ја доведе во прашање соодветноста на САД како домаќин на Мундијалот. Во објава на социјалната мрежа „X“, тој повика на бојкот, давајќи поддршка на ставовите на Марк Пит, изнесени во интервју за швајцарскиот весник „Дер Бунд“ минатата недела.

Пит кој е швајцарски адвокат специјализиран за економски криминал и борба против корупција, пред една деценија беше претседател на Надзорниот одбор на Независното тело за реформи во управувањето на ФИФА. Блатер ја предводеше светската фудбалска организација од 1998 до 2015 година, а поднесе оставка во екот на корупциските истраги.

„Ако ги земеме предвид сите работи за кои зборувавме, има само еден совет за навивачите: држете се подалеку од САД. И онака сè подобро ќе видите на телевизија, а доколку допатувате, треба да очекувате дека ако не им се допаднете на властите, веднаш ќе ве качат на првиот авион назад дома“, изјави Пит за „Дер Бунд“.

Во својата објава, Блатер го цитираше Пит и додаде:

„Мислам дека Марк Пит со право го доведува во прашање ова Светско првенство“.

САД ќе бидат кодомаќини на Мундијалот заедно со Канада и Мексико, а турнирот ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во летото што следи.

Загриженоста во меѓународната фудбалска јавност произлегува од експанзионистичките ставови на Трамп кон Гренланд, воведените забрани за патување, како и агресивниот пристап кон мигрантите и демонстрантите кои протестираат против строгите имиграциски мерки во американските градови, особено во Минеаполис.

Еден од потпретседателите на Германскиот фудбалски сојуз, Оке Гетлих, во интервју за „Хамбургер Моргенпост“ исто така изјави дека дошло време сериозно да се размисли за бојкот на Светското првенство.

Пред две недели, патните планови на навивачите од две водечки африкански фудбалски земји беа сериозно нарушени откако администрацијата на Трамп најави забрана која практично би им оневозможила на граѓаните на Сенегал и Брегот на Слоновата Коска да ги следат своите репрезентации, освен ако веќе не поседуваат визи. Како главна причина за мерките, Трамп ги наведе „недостатоците во безбедносните проверки“.

На навивачите од Иран и Хаити, исто така учесници на Светското првенство, ќе им биде забранет влез во САД, бидејќи овие земји беа опфатени со првиот пакет забрани за патување што го воведе администрацијата на Трамп.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот