Сензационално откритие во Александрија: Археолозите пронајдоа луксузен брод од древен Египет
Во плитките води покрај брегот на Александрија, Египет, археолозите открија луксузен египетски брод од 1 век кој речиси совршено одговара на описот на грчкиот историчар Страбон, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Со своите палати, храмови и светилникот Фарос висок 130 метри – едно од седумте чуда на античкиот свет – Александрија била еден од највеличенствените градови во антиката.
Откриениот брод за разонода, кој датира од првата половина на првиот век, бил долг 35 метри и конструиран така што имал централeн павилјон со луксузно уредена кабина.
Откриен е кај потопениот остров Антиродос, кој бил дел од Портус Магнус (Големото пристаниште) на древна Александрија.
Страбон го посетил египетскиот град околу 29–25 година пред нашата ера и пишувал за вакви бродови: „Овие бродови се луксузно опремени и ги користи кралскиот двор за излети; и толпа веселници кои се симнуваат од Александрија низ каналот на јавни фестивали; зашто секој ден и секоја ноќ е преполна со луѓе на чамците кои свират флејта и играат без ограничување и со крајна развратност.“
Ископувањата ги спроведе Европскиот институт за подводна археологија под раководство на Франк Годио, гостин-професор по поморска археологија на Универзитетот Оксфорд.
– Исклучително е возбудливо затоа што ова е првпат ваков брод да биде откриен во Египет… Тие бродови ги споменуваат различни антички автори, како Страбон, и претставени се и во некои иконографии – на пример на мозаици во Палестрина, каде што гледате таков брод, многу помал, со благородници што ловат нилски коњи. Но никогаш претходно не бил откриен – истакнал проф. Годио во изјава за „Гардијан“.
Иако тој мозаик прикажува брод долг можеби 15 метри, овој е многу поголем, според добро сочуваните дрвени греди што заземаат простор од околу седум метри. Можеби биле потребни повеќе од 20 веслачи за ова пловило.
Бродот лежел само седум метри под вода и бил покриен со еден и пол метар седимент. Почетната претпоставка на Годио била дека два брода лежат еден над друг „зашто типот на конструкција бил толку чуден“.
Како што објаснил: „Клунот е рамен… а крмата е заоблена… за да биде можно пловење по многу плитка вода.“
Најамбициозните проекти на проф. Годио се спроведени крај брегот на Египет, во источното пристаниште на Александрија и во заливот Абу Кир. Во партнерство со египетското Министерство за антички предмети, тој истражува огромно подрачје од 1992 година.
Во 2000 година, древниот град Тонис-Хераклеон и делови од градот Канопус беа откриени во заливот Абу Кир – едно од најголемите археолошки откритија на поновото време. Две колосални статуи на птоломејска кралица и крал се меѓу спектакуларните богатства досега пронајдени.
Годио и неговиот тим во 2019 година пронајдоа потонат брод во водите околу Тонис-Хераклејон, чии необични детали одговарале на описот на друг старогрчки историчар, Херодот.
Најновото откритие се наоѓа на помалку од 50 метри од местото на храмот на Изида, кој Годио го ископувал. Тој верува дека чамецот можеби потонал за време на катастрофалното уништување на овој храм околу 50-тата година од нашата ера.
По низа земјотреси и плимни бранови, Портус Магнус и делови од древниот брег потонале под морето, голтајќи палати и други градби.
Добро сочуваните греди на бродот лежеле само 7 метри под вода и 1,5 метар под седимент.
Друга теорија е дека бродот можеби бил света баржа прицврстена за храм (пловен објект без свој погон за транспорт на стока).
Можеби бил дел од поморската церемонија „навигато Изиде“, кога поворка што ја славела божицата Изида наидува на богато украсен брод – „Навигиум“ – кој го отелотворувал соларниот брод на Изида, господарката на морето.
– Иако истражувањето на пронајдениот брод е сè уште во рана фаза, тоа ветува дека ќе открие нови увидува во „животот, религијата, луксузот и задоволството на пловните патишта во рано-римски Египет – изјавил проф. Годио.
Најновите научни резултати од ископувањето на храмот на Изида неодамна ги објави Оксфордскиот центар за поморска археологија.
– Тоа е тип на брод кој никогаш порано не е пронајден. Иако можеме да читаме за чамци со кабини во древните текстови и да ги гледаме во уметнички записи, феноменално е да постои археолошка корелација – нагласил проф. Дамиан Робинсон, директор на центарот.
Бродот ќе остане на морското дно.
– Ги следиме регулативите на УНЕСКО, според кои е подобро остатоците да се остават под вода – заклучил поморскиот археолог.
Истражен е само мал дел од областа, па ископувањата треба да продолжат.


