Семејното дрво на Ѓукановиќ: Кој од кој побогат, а афери на претек
Колку пари има Мило Ѓукановиќ јавноста не знае и прашање е дали некогаш ќе дознае. Она што може да се види од официјалните податоци од неговата пријава во Агенцијата за спречување корупција е дека има месечна плата од околу 2.400 евра.
Покрај тоа, претседателот на Црна Гора во заминување има и 25 удели во сопствеништвото на компанијата „Универзитатс“ и 50 проценти удели во сопствеништвото на фирмата „Глобал Монтенегро“.
И Лидија и Мило Ѓукановиќ се сопственици на по една хартија од вредност. Според податоците од Агенцијата за спречување корупција, немаат ниту еден кредит, ниту долгови, ама затоа Ѓукановиќ е сопственик на деловен простор во кој се наоѓа фирмата „Универзитатс“.
Во негово сопствеништво е и парцела за потребите на деловна зграда од 3381 квадратен метар, парцела за гаража од 1581 квадратен метар, земјоделска парцела со објект од 7066 метри квадратни, подрум, приземје, четири спрата од зграда и поткровје.
Според податоците кои се поднесени во Агенцијата за спречување корупција, тој е сопственик на четири станови, од кои еден има 106 квадрати, а другите 73, 170 и 47 квадратни метри.
Покрај тоа, поседува и две парцели од по 290 и 270 метри квадратни, неколку подруми, дворови и гаражи. Сопственичка на станбената зграда е неговата сопруга Лидија а пријавено е дека зградата ја стекнала преку наследство. Станува збор за зграда од 120 квадрати која има и помошен објект и двор.
Меѓутоа, пријавениот имот на Мило Ѓукановиќ не е она за кое со децении се зборува во црногорската јавност, туку се зборува за тајните бизниси кои му носат милиони. Според некои проценки, човекот кој повеќе од 30 години владееше со Црна Гора има околу 200 милиони евра, пишува Нова.рс.