Секој трет ден умира по едно лице во сообраќајна незгода

Во Македонија во просек, околу 150 до 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди.

Скопје, Битола, Велес и Кумановo се четирите најопасни градови во Македонија, каде според долгогодишните полициски анализи се случиле низа сообраќајни несреќи во кои имало најмногу загинати, повредени и била предизикана огромна материјална штета. Причините за големиот број на сообраќајни несреќи во овие четири градови, пред се во Скопје, се многу. Но, доколку се анализираат податоците и статистиките ќе се утврди дека човечкиот фактор е причина „број еден“ за црните статистики. Па така, како причина за сообраќајни несреќи по однос на сторените дела „непрописно движење и свртување“, „недржење страна и правец на движење“, „управување под дејство на алкохол“, „брзо возење“ секаде е наведен човечкиот фактор.

– Најголем број на сообраќајни незгоди со загинати или повредени лица, како и сообраќајки во кои имало потешки последици по учесниците во истите, се случени на територијата на град Скопје, на второто место е Битола, а на трето е Велес – велат од сообраќајната полиција.

Упатените велат дека освен човечкиот фактор, причина за големиот број на сообраќајки е и алкохолот, користењето на телефони додека се управува возило, заморот, непочитување на сообраќајните прописи, но и несоодветната обученост на младите возачи.

– Долгогодишните анализи покажуваат дека најмалку се почитуваат прописите при управувањето на возило по улиците на главниот град. Брзината на движење, како најбитен елемент при учество во сообраќајот е многу занемарувана од самите возачи. Само мал, дури занемарлив број на возачи се движат со своите возила на улици каде максимално дозволено брзина изнесува 50 километри на час. Најмногу сообраќајни незгоди и прекршоци во Скопје се случуваат на раскрсници и по булеварите каде има две или три ленти. Во овие две ситуации најмногу не се почитувале правила и не била соодветна брзина на движење со условите во сообраќајот и патот. Кога говориме за непочитување на правила, мислам на сообраќајни правила кои се основа за управување на возило како првенство на премин, почитување на сообраќајни знаци и непрописно претекнување. Зад воланот на возилата кои учествувале во досегашните сообраќајни незгоди, во голем дел биле и возачи со мало возачко искуство – вели Перо Арсовски, експерт по сообраќај.

Во Македонија во просек, околу 150 до 160 лица годишно го губат животот во сообраќајни незгоди, односно по едно лице на секои три дена. Статистиката покажува дека во 2018 година во земјава загинале 133 лица, 155 загинале во сообраќајни незгоди во 2017 година, а 165 во 2016 година. Речиси 6.000 повредени секоја година е билансот од неодговорното возење. Сообраќајните незгоди со смртоносни последици најчесто се случувале помеѓу 12 часот на пладне и 20 часот навечер.

Годишно, 1,3 милиони луѓе, од сите страни на светот, го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода. Годишно во светот, околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно 1.100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот