СЕХА: Вардар како во најдобрите денови – „црвено-црните“ го урнаа словачкиот Татран Прешов
Македонскиот ракометен шампион ја оствари втората победа сезонава во СЕХА лигата, во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје во одлична атмосфера направена од навивачите го совлада Татран Прешов со резултат 29:24.
Препорачано
По првиот дел беше 15:10, а четири пати Вардар 1961 имаше и предност од осум голови разлика во текот на второто полувреме (23:15, 26:18, 27:19, 28:20).
Вардар 1961 ја анулираше негативата од првиот меч кога во Словачка славеше противникот со четири голови разлика, па така сега составот на Владо Недановски е во „пол-позиција“ да го освои првото место во групата „Б“.
Најефикасен на денешниот меч кај домаќините беше Чувара со пет погодоци, по четири имаа Моралес, Георгиевски и Дутра. Се истакна и голманот Томовски со 12 одбрани. На спротивната страна Рабек беше најрасположен со 10 голови.
На табелата води Вардар со шест бодови, пред Татран Прешов со три, а без бодови е Партизан. Нашиот претставник во регионалното натпреварување возвратната пресметка со српскиот Партизан ќе го има на гости на 28 февруари.


