Сè уште не знаете каде за 1 Мај? Ова се пет места во близина на Скопје што нудат мир и живописна природа
Утрешниот празничен ден е совршена можност да избегате од градскиот бетон и метеж и да го поминете денот во природа, со добра храна, друштво и свеж воздух.
Препорачано
Во близина на Скопје постојат места кои нудат мир, зелени пејзажи и идеални услови за релаксација. Без разлика дали преферирате планини, реки или места со културно наследство, околината на градот крие вистински бисери што вреди да се посетат.
Доколку сте слободни за 1 Мај, а сè уште немате испланирано како да го поминете денот, можеби овие пет предлози за локации близу нашиот главен град ќе ви помогнат во изборот.
Село Кучково и крст Кучково
Селото Кучково е ридско село, на надморска височина од 560 метри. Се наоѓа на 15 километри од центарот на Скопје. Познато е по чистиот воздух и мирната атмосфера, но вистинската атракција е крстот Кучково. Од овој видиковец се пружа спектакуларен панорамски поглед кон Скопје и околината, што го прави идеално место за фотографирање, пикник и уживање во зајдисонце.
Во околината може да го посетите изворот Миј Очи, Кучковскиот водопад, црквата Св. Илија, а попатно можете да ги посетите и манастирите Св. Ѓорѓи и Св. Трифун.

Водно
На само неколку минути од центарот на градот, планината Водно е едно од најпопуларните места кои скопјани го користат за уживање во природа. Со патеките за пешачење, можноста за велосипедизам и прекрасниот поглед кон градот од врвот на планината, Водно е секогаш идеален избор доколку сакате денот да го поминете малку поактивно.
Но, доколку сакате поспокоен ден во кој сакате да уживате во комбаницијата на историски приказни и добра храна, може да се упатите кон манастирот Свети Пантелејмон, а потоа и во комплексот „Етно село“.

Матка
Кањонот Матка се наоѓа на 17 километри од Скопје и нуди уникатна комбинација од природни и историски убавини – езеро, карпи и средновековни цркви.
Ова место е совршено за љубителите на природа, прошетки или пикник покрај реката Треска, возење со кајак или чамец до пештерата Врело.
Секако, доколку не сакате авантуристички ден, може да седнете во ресторан и да се релаксирате покрај водата и карпите. Добро е да се упатите порано во текот на денот, бидејќи на оваа локација има метеж за празници и викенди .

Шишевски манастир
Манастирот Свети Никола Шишевски е средновековен манастир во близината на селото Шишево, кој се наоѓа во живописна природа над кањонот Матка и нуди спокој и прекрасен поглед. Идеално е за оние што бараат потивко и место со помалку луѓе.
Теренот е недостапен за моторни возила и планински велосипеди и е единствено достапен пеш од три правци: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица во Долна Матка (половина час пешачење); од селото Шишево (1 час); како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути). Од Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри.

Марков манастир
Свети Димитрија – Марков манастир е сместен во близина на селото Маркова Сушица, на 20 км од Скопје, опкружен е со зеленила и планински пејзажи. Во близина на овој средновековен манастир тече Маркова река каде и најчесто луѓето избираат да направат пикник и скара.
Целата околина, богата со природа и културно наследство, е одличен избор за релаксирачки пикник и уживање во традицијата и природата.



