Се разгледуваат алтернативни планови за извлекување на затрупаните работници од тунелот во Индија

Надлежните индиски власти разгледуваат пет нови планови за извлекување на десетиците градежни работници затрупани пред една недела во тунел во хималајскиот регион.
Вкупно 41 работник се затрупани уште од 12 ноември. Тие се безбедни и постојано им се доставува кислород, вода и храна преку тенка цевка пробиена до шуплината во која се наоѓаат, околу 260 метри од влезот во тунелот.
Но, додека се длабоко под земјата, постојано се соочени со ризик дека лизгање на земјиште може да ги затрупа, бидејќи тунелот е во регион чувствителен на потреси и поплави.
Спасувачките екипи се обидоа со машини да пробијат цевка со дијаметар од 90 сантиметри низ која би се извлекле работниците. Таквите обиди не беа успешни, дури ни со големата дупчалка што специјално беше донесена од Њу Делхи.
Сега се разгледуваат неколку варијанти да се пробие вертикална или коса дупка до затрупаните, а во меѓувреме да се пробијат уште неколку хоризонтални цевки со дијаметар од 15 сантиметри.
Медицинските тимови објавија дека на работниците им се доставуваат големи количества витамин Ц, како и лекови против депресија. На влезот во тунелот е поставен итен медицински центар со десетина амбулантни возила.