Се отвора патот за железничкиот тунел со Бугарија – Собраниската комисија даде зелено светло
Собраниската комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу македонската Влада и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување на Собранието.
Препорачано
Според Крум Ефремов од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, договорот што е предмет на ратификација, ги уредува техничките, финансиските и организациските аспекти за подготовка, изградба и за функционирање на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија.
Тој истакна дека инфраструктурата ќе мора да ги исполнува стандардите на ЕУ и на НАТО, особено оние поврзани со трансевропската транспортна мрежа, а договорот ќе создаде и поволни услови за зајакнување на политичката, трговската и индустриската соработка меѓу двете земји.
Со неговата ратификација, како што нагласи, се отвора патот за почеток на реализацијата на проектот.
Станува збор за железнички тунел долг 2.383 метри, од кои приближно половина ќе се градат на бугарска, а половина на македонска територија, со што ќе се поврзат железничките правци од Софија преку Ѓуешево до Скопје.


