Подобра транспортна врска меѓу Црното и Јадранското Море – Македонија и Бугарија потпишаа договор за дел од Коридор 8
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кои половина се наоѓа на територијата на Бугарија. Неговата изградба ќе го поддржи економскиот развој на регионот и ќе ја зајакне интеграцијата на транспортните мрежи на ниво на ЕУ и НАТО
Македонија и Бугарија ги дефинираат активностите и меѓусебните обврски за изградба на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 со Договор, потпишан денес од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, на железничката станица Ѓуешево. На потпишувањето на Договорот за овој тунел, што ќе биде меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8 за директната железничка врска меѓу Скопје и Софија, присуствуваа и претставници на ЕК, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и на Светска банка, како и Амбасадорката на САД Анџела Агелер.
Препорачано
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска и тој е клучен елемент на транспортниот коридор Западен Балкан – Источен Медитеран и стратешкиот Коридор VIII. Неговата имплементација ќе ја обезбеди недостасувачката железничка поврзаност помеѓу Бугарија и Македонија и ќе го подобри пристапот до транспорт помеѓу Црното Море и Јадранското Море.
-Договорот е сон на генерациите од двете страни на границата, нешто за што сме читале, за што се учело додека сме биле деца дека двете држави, двата главни града и Софија и Скопје треба да се поврзат со железничка врска – рече вицепремиерот Николоски.
И неговиот бугарски колега Караџов се согласи дека овој ден е исклучително важен и со него се исполнува сон на многу генерации.
– Отвораме, возобновуваме железница стара повеќе од 100 години. Нам ни падна честа со Николоски да го реализираме овој проект – изјави Караџов.
Пругата Скопје-Софија, чија изградба е почната во 1994 година, се гради во три фази, а процените на надлежните институции се дека со неа ќе се зголеми товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20 – 25 проценти во првите години по изградбата. Завршена е изградбата и реконструкцијата на првата делница Куманово – Бељаковце во должина 30,8 километри (40,5 милиони евра).
Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра, каде прогресот на работите е 35 проценти, а рокот за завршување е крајот на 2026 година. За третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение, според најавите, следниот месец ќе се распише повикот за избор на изведувач. Изградбата на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, во должина од 23,4 километри со планирани 22 тунели, од кои и меѓуграничниот, како и 52 моста, се смета за најголем предизвик.


