Бугарија ѝ нуди мазут на Македонија
По наредба на бугарскиот премиер во заминување Росен Жељазков, министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, извршил инспекција на залихите на мазут во Бугарија, при што утврдил дека земјата има доволни количини од овој енергенс и може да ѝ понуди достава на Македонија за таа да ја надмине кризната состојба со струјата, пренесе БГНЕС.
Препорачано
– Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на гориво за котели (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба прогласена вчера. На барање на премиерот Жељазков, предлогот беше даден за време на телефонскиот разговор меѓу министерот за надворешни работи Георг Георгиев и неговиот колега од Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Бугарската страна изрази подготвеност да помогне во обезбедувањето на потребните количини, во зависност од техничките и логистичките можности – се вели во владиното соопштение.
За време на разговорот било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на „добрососедство и солидарност“ и е насочено кон обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Владата прогласи криза за струја, нема како да набавиме мазут
Предлогот на Бугарија беше даден откако Владата на Македонија синоќа прогласи кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија. Овој потег, како што соопштија од македонската Влада, е неопходен за да може да се користат стоковните резерви на мазут, на кој работи термоелектричната централа (ТЕЦ) „Неготино“. Увозот на мазут од Грција е во прекин повеќе од еден месец поради протестите и блокадите на тамошните земјоделци.
Кризната состојба важи на целата територија на државата во рок од седум дена од денот на влегување во сила на оваа одлука, велат од Владата.


