Се чекаат 600 илјади вакцини, а само 180 илјади граѓани чекаат во редот!

Државата ќе ја засилува стратегијата за мотивирање на граѓаните да се имунизираат против ковид-19. За таа цел ќе се спроведува и теренска вакцинација во регионите каде што е забележлив слаб одѕив, најави министерот Филипче.

Само 180 илјади граѓани што се пријавиле на сајтот за вакцинација не добиле вакцина, а најавено е дека наскоро ќе пристигнат околу 600 илјади дози од вакцините на „Фајзер“ и на кинескиот производител „Синовак“. Поради ова, стравувањата се дека можеби вакцините ќе останат неискористени. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе има засилена кампања за вакцинација, а во регионите каде што се забележува дека недоволен број граѓани се пријавиле за имунизација, ќе има и теренска имунизација. Со овие два механизми државата ќе се обиде да го постигне планираниот вакцинален капацитет, од 1 милион и 200 илјади граѓани што се планира да добијат вакцина, затоа што децата не се опфатени во процесот.

Филипче очекува до крајот на летото да постигнеме колективен имунитет затоа што дневно ќе се аплицираат меѓу 15 и 20 илјади дози вакцини, доволни да се опфатат сите пријавени граѓани. Во моментот се вакцинирани околу 300 илјади граѓани, а целта е со вакцините што се чекаат, да се имунизираат уште толку луѓе. Граѓаните што не сакаат да чекаат, веќе се упатуваат на вакциналните пунктови во Србија, каде што има и избор и количини на вакцини, а не е потребно ниту закажување. Опозицијата притиска Министерството за здравство да ги обесштети овие граѓани затоа што не им овозможува навремена вакцинација, за што Филипче рече дека ќе се дискутира понатаму.

Во моментот имунизацијата во земјава е забавена, зашто се чекаат да пристигнат новите количини вакцини. Освен овие нарачки, нема да се прават дополнителни, зашто до крајот на годинава се чекаат уште 350 илјади дози фајзерови вакцини преку КОВАКС-механизмот, и уште 194 илјади дози руска вакцина „Спутник В“.

Во разговорот со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, министерот Филипче ја добил информацијата дека во Кина, и покрај тоа што се вакцинирани со две дози, некои граѓани заболувале од индиската односно делта варијантата на коронавирусот.

– Важно е дека сите се со лесна клиничка слика – истакна тој.

Веќе е направен план како ќе се распределат вакцините по пунктови. Вакцините на „Фајзер“ ќе бидат сместени во 8 града каде што има фрижидери од минус 80 степени, какви што се потребни за складирање на мРНК-вакцината. Вакцините на „Синовак“ се чуваат на температура од 2 до 8 степени поради што ќе може да се распределат на повеќе локации.

– За брзо време ќе се вакцинираат сите 180 илјади пријавени граѓани – уверува Филипче.

 

Пановски: Индискиот сој ќе дојде наесен, важно е да се вакцинира во голем обем

 

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Никола Пановски, во интервју за „Фактор“ вели дека наесен индискиот сој не може да се спречи да влезе во земјава, меѓутоа важно е да се вакцинира што поголем дел од населението и вакцините да штитат. Тој предупредува дека не смее да се доведе здравствениот систем на ланското ниво на блокади.

– Од вакцините ќе имаме поголема придобивка отколку без нив. Важен е факторот што голем број од населението во Македонија го прележа вирусот. Кај нас индискиот сој нема да се шири брзо. Секако дека ќе се шири, ама нема да има случаи со тешки симптоми и тешка форма на болеста. Најважно е да се вакцинираме во што поголем број. Без 15 илјади нововакцинирани дневно ништо не правиме – вели доктор Пановски.

Видео на денот