Стефан Богоев, СДСМ / Утрински брифинг
Стефан Богоев, СДСМ / Утрински брифинг

СДСМ за апсењето на Богоев: Монтиран случај токму во денот кога Мицкоски доби критики од Кошта

Опозицискиот СДСМ обвинува дека апсењето на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, е „монтиран случај  токму во денот кога премиерот Христијан Мицкоски добил критики од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта“.

„На денот кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пристигна во Македонија и го потврди она што го говори СДСМ, а и порача дека без внесување на малцинствата во Уставот нема поместување од мртва точка, токму тогаш предмет за Стефан Богоев. Дали има некој што верува во ова партизирано судство и обвинителство после нарачките на Мицкоски преку собраниската говорница, на телевизија и на крај директно преку телефон? Дали има некој што може да каже дека ова е вистински или сепак станува збор за монтиран случај во денот кога Мицкоски добива критики, кога сите негови лаги пред граѓаните се на виделина?“, прашаа од СДСМ.

Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје на средба со Мицкоски

Оттаму додаваат дека Мицкоски со неговите „чувства“ со денови го најавувал апсењето на Богоев.

„Велат „политички прогон, обид за дефокусирање од критиките што доаѓаат од Европската Унија, откако уште еднаш се потврди дека Македонија стои во место поради криминалот и корупцијата на власта и поради неспроведувањето на реформите? Тоа најдобро го знае самиот Мицкоски, кој денес се однесува како организатор на секој процес во државата. Мицкоски со неговите „чувства“ веќе со денови јавно го најавуваше ова апсење. Додека режира спектакли за јавноста, остануваат неодговорени многу сериозни прашања. Со месеци нема одговор што се случи со петте тони дрога што ја поминаа границата и завршија кај сестринската партија СНС. Нема одговорност за низа скандали кои ги објави Антикорупцискиот тим на СДСМ. Нема ништо за 161 тендер за семејна фирма на Томовски, за 93 тендери за Мастеф, за 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, за 74 тендери за „Ленди Груп“, за 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, за 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ. Нема борба против криминалот и корупцијата, нема реформи, нема напредок кон ЕУ“, велат од најголемата опозициска партија.

Наместо институции што работат независно, додаваат од СДСМ, гледаме јавни најави на истраги и апсења од страна на премиерот Мицкоски, „што ги потврдува сериозните сомнежи за целосно политичко влијание врз правосудниот систем“.

Четири лица вчера беа уапсени во обемна акција на Управата за финансиска полиција, насочена кон откривање и документирање на финансиски криминал и корупција. Неофицијално, станува збор за сериозен финансиски криминал тежок околу 350.000 евра.

Поранешниот директор на Царинската управа и поранешен градоначалник, Стефан Богоев, е меѓу четворицата опфатени во акцијата на Управата за финансиска полиција, објави претходно „Слободен печат“.

Четворица се приведени под сомнеж дека местеле тендери на Царина – претрес и во домот на Стефан Богоев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот