Митовски, Филипче и Николовски во Крива Паланка / Фото: СДСМ / Фејсбук

СДСМ: Референдум за рудникот за антимон, Митовски и Мицкоски не може сами да одлучуваат и да се договараат

Народот на Крива Паланка треба да се праша преку референдум за рудникот за антимон. Градоначалникот Сашко Митовски, не може да одлучува сам или да се договара со премиерот Христијан Мицкоски, порачаа денеска од опозицискиот СДСМ.

Оттаму се децидни дека не се против инвестиции, туку дека се против рудник што го загрозува здравјето на граѓаните и поради тоа градоначалникот, којшто инаку доаѓа од редовите на СДСМ, мора да распише референдум.

„Граѓаните на Крива Паланка, а не експертите поврзани со ВМРО-ОКГ и бизнис интересите на Мицкоски, треба да одлучат дали сакаат рудник за антимон во нивниот крај. СДСМ не е против инвестиции, туку против рудник што загрозува здравје и тивко убива. Копањето антимон е една од најтоксичните рударски дејности во светот. Тоа носи сериозни здравствени ризици – респираторни заболувања, оштетување на срцето, проблеми со црниот дроб и бубрезите, дерматитис, анемија, репродуктивни нарушувања и зголемен ризик од рак на белите дробови. Антимон триоксид е класифициран како веројатно канцероген за луѓето. Имаме горчливо искуство токму со рудникот Лојане. Таму отпадот од старите рудници и денес загадува почва, вода и воздух. Луѓето сè уште страдаат од хронични заболувања, а отпадот продолжува да го труе регионот со децении. Истото се случува и со проектите за литиум. Се ветуваат работни места, а на крајот остануваат загадена вода, почва и сериозни здравствени проблеми. Македонија веќе е на црната листа по квалитетот на воздухот. Уште еден рудник за токсичен метал значи уште еден проект за убивање на граѓаните“, посочуваат од СДСМ.

Од најголемата опозициска партија велат дека градоначалникот мора првенствено да ги слуша своите граѓани, „а не човекот кој ја гледа државата како свој тендер“.

„Мора да знае градоначалникот Митовски кога се слуша со Мицкоски, човекот кој се занимава исклучиво со својот приватен бизнис, носи часовници од 65.000 евра додека народот гладува, купува приватни авиони и прави струја преку почесни конзули како неговиот пријател Душан Адамовиќ. Градоначалниче – референдум! Нека граѓаните на Крива Паланка сами одлучат. СДСМ е и секогаш ќе биде на страната на народот, а не на страната на Мицкоски и неговата тендер-коалиција“, соопштија од „Бихаќка“.

Ова прашање социјалдемократите првпат го отворија во неделата кога побараа широка јавна дебата и референдум за отворање рудник со антимон во кривопаланечко Луке.

По повеќе децении, рудникот за антимон „Крстов Дол“ кај Крива Паланка се подготвува за повторно активирање. На локацијата ќе работи „Пела глобал лимитед“ (Pela Global Limited)“, фирма во сопственост на Австралиецот со македонско потекло Ник Јовановски, чија главна стратешка цел е наоѓање злато, сребро и антимон во земјава.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот