Салиу: Главната цел на Арсими е опстанок во елитата
Фудбалерите на Арсими со јасна визија и силна мотивација го пречекуваат продолжението на првенството. По интензивна и квалитетно одработена подготвителна фаза, екипата е подготвена да се соочи со предизвиците што ги носи пролетниот дел од сезоната, со фокус на стабилни настапи и остварување на зацртаните цели.
Препорачано
Тренерот на Арсими, Вилдан Салиу, ја оцени подготвителната фаза како исклучително успешна, истакнувајќи го ангажманот, дисциплината и сериозноста што фудбалерите ги покажаа во текот на целиот подготвителен период.
– Подготвителната фаза беше многу важна за нас и јас сум задоволен од начинот на кој тимот работеше. Подготовките во Хрватска, во Медулин, ни овозможија одлични услови за работа, квалитетни контролни натпревари и значително подобрување на физичката, тактичката и менталната подготвеност на екипата – вели Салиу.
Тој додаде дека стручниот штаб работеше интензивно на корекција на слабостите и зајакнување на позитивните сегменти од играта. Јасен е и околу очекувањата за оваа полусезона, а воедно ја потенцира и главната цел на клубот:
– Новите засилувања брзо се вклопија во тимот и покажаа голем потенцијал. Очекуваме тие да имаат значајна улога во продолжението од сезоната, зголемувајќи ја конкуренцијата и стабилноста во сите линии на екипата. Очекуваме стабилни настапи, тактичка дисциплина, максимална посветеност и континуиран напредок. Тимот мора да покаже карактер, единство и одговорност во клучните моменти од шампионатот. Нашата главна цел останува опстанокот на Арсими во елитата на домашниот фудбал. Со заедничка работа, верба и поддршка од навивачите, убедени сме дека ќе ја оствариме оваа цел и ќе поставиме цврсти темели за иднината на клубот – се зборовите на Салиу.
Следниот меч во Првата македонска лига играчите на Салиу ќе го имаат во среда, 11 февруари, на гости против Вардар од 13.00 часот. Арсими моментно е на петтата позиција со 22 бодови, 20 помалку од водечкиот Вардар.


