Сѐ повеќе луѓе се жалат на иритации и акни – Несакани ефекти од носењето маски за кои малку се зборува

Фото: Профимедиа

Носењето маска има и некои несакани ефекти, кои можеби веќе сте ги забележале и самите, а најчести се акните.

Носењето маски за лице е еден од ефективните начини да го намалиме ширењето на ковид-19, а тоа стана нашата нова норма па треба да се навикнеме да живееме со нив.

Но, тешко е да се игнорира дека носењето маска има и некои несакани ефекти, кои можеби веќе сте ги забележале и самите, а најчести се акните. За нив, во периодот на коронавирусот, дури е и измислен нов збор – маскне.

Постојаното триење на кој било вид ткаенина од кожата може да доведе до иритација. Кога на тоа ќе ги додадеме маслото, потта, нечистотијата и шминката што се насобира под маската, иритациите се неизбежни, особено на подрачјето каде што маската доаѓа во директен контакт со кожата. Причината зошто се јавува иритација е, пред сѐ, тоа што дишеме директно во маската, поради што во неа се задржува топлината.

Со часови на лицето

Многумина се жалат на акни, митисери, осип и други проблеми со кожата, кои можат да се поврзат со носењето маска, потврдува и најновата студија од Американската академија за дерматологија.

Не мора дури ни со часови да ја носите маската за да имате проблеми со кожата. Доволно е само неколку минути додека сте во продавницата. Сепак, најпогодени се оние што мораат да ја носат на работа повеќе од осум часа на ден. Кожата станува почувствителна и се јавуваат проблеми. Акните најчесто се јавуваат кај помлади луѓе, кои инаку се склони на тоа, во пределот под брадата каде што работ на маската се трие од кожата, велат дерматовенеролозите.

Проблемите се почести кај жените, особено кај оние со сува и чувствителна кожа. Кај мажите, кожата на лицето е многу подобра поради тестостеронот, поради кој и имаат поотпорна кожа.

Проблемот е што маската се става на лицето кое е хормонално активно. Со триењето по него се оштетува бариерата на кожата и се затнуваат порите. Со создавањето на влагата под маската, кожниот материјал во фоликулата набабрува и потоа се затнуваат лојните канали. Исто така, бактериите ја сакаат влагата што се создава под маската.

Секако е препорачливо да се избегнуваат синтетички маски, а иако некои препорачуваат маски направени од свила и сатен, дерматолозите со тоа не се согласуваат.

Овие материјали не можат да се перат на високи температури. Најдобро е да се користат памучни маски кои по секоја употреба мора да се исперат на минимум 60 Целзиусови степени. Тоа е температурата што ги убива повеќето грини.

Се препорачува да се мие лицето двапати на ден со благи средства за акни што не ја сушат кожата. Ако се појави проблем, препорачливо е да се третира само тој дел од лицето.

Кога станува збор за нанесување пудра на кожата која ја покриваме со маската, дерматолозите препорачуваат употреба на проверени и поквалитетни пудри, на што поприродна база. Би било уште подобро да се користат полесни тонирани кремови за лице и/или тонери кои ќе направат блага ексфоликација на кожата.

Најдобро е да ѝ се дозволи на кожата да дише, бидејќи маската секако делумно ќе ја отстрани пудрата. Навечер, неопходно е темелно да се исчисти кожата и да се користат хранливи продукти.

Чистачите за лице, серумите, тонерите или кремите што ги нанесувате се препорачува да бидат што по природни и збогатени со супстанции кои темелно ја чистат, закрепнуваат и обновуваат кожата- на пример со керамид, ниацинамид, хијалуронска, гликолна или салицилна киселина, согласно типот на кожа. Доколку кожата е многу иритирана, може на неа да се стави малку паста од цинк. Има антиинфламаторно дејство и ја штити кожната бариера, посочуваат дерматолозите. Доколку забележите дека состојбата не се подобрува и покрај преземените чекори, побарајте мислење од вашиот дерматолог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот