Рустеми вели дека биле изненадени кога се открило дека доделиле тендер за Коридорот 8 на фирма со „руски врски“

Директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми вели дека комисија во ЈДПД ја избрала хрватската компанија „ИГХ“ на тендерот за надзор на автопатиштата од Коридорот 8 низ земјава, откако останала како единствена компанија која ги исполнувала тендерските услови.
За оваа компанија, вчера вицепремиерот Артан Груби рече дека не доставила банкарска гаранција од 2,6 милиони евра за добиениот тендер, по што било откриено дека всушност се работи за компанија во руска сопственост, во чиј одбор седеле руски државјани кои имаат врски со руската држава.
Рустеми вели дека тоа било изненадување, бидејќи компанијата доаѓа од земја-членка на ЕУ. Директорот додава дека не им е наложен таков критериум при изборот на компаниите на тендерите, а и немаат информации за да ја проверат крајната сопственост на компаниите и дали во нив има „руски влијанија“.
„Ние секојдневно имаме процедури за избор на разни компании. Немаме некоја листа од страна на релевантните владини институции да не се избираат такви компании кои имаат одредени руски влијанија и врз законска основа ние немаме некоја одлука од Владата за избор на одредена компанија, да имаме таква одлука – да избереме или да не избереме. Вработените во ЈПДП немаат одредени информации за да прашаат која е компанијата, кој е нејзиниот сопственик“, вели Рустеми, според ТВ21.
Груби рече и дека е добро што е откриено ова, бидејќи „можело да биде некое сценарио за подривање на коридорот 8“ и на договорот со изведувачот, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.