
Руди Џулијани куртули од судење, се спогоди со жените кои го тужеа за клевета и бараа 150 милиони долари
Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, денеска постигна спогодба со двe членки на изборни одбори во државата Џорџија, кои го тужеа за клевета и бараа отштета од 150 милиони долари, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на судски документ.
Препорачано
Џулијани требаше да оди на судење во случајот, што го соочи со губење на неговиот имот на Флорида, каде што тврди дека постојано живее, како и на вредни работи кои ги поседува, како неколкуте шампионски прстени од безбол-тимот „Њујорк Јенкис“.
Џулијани беше во спор со двете службенички, Руби Фримен и Шеј Мос, околу тоа дали неговиот стан од 3,5 милиони долари во Флорида е негова примарна резиденција и дали може да биде ослободен од наплата на отштета.
Фримен и Мос веќе добија голем број од највредните работи на Џулијани на суд, вклучувајќи го неговиот стан на Менхетен вреден шест милиони долари, повеќе од десет луксузни часовници, мебел и колекционерски предмети за бејзбол.
Сепак, во последните месеци тие не успеаја да соберат некои од тие предмети, и покрај повеќекратните судски наредби Џулијани да ги предаде предметите.
„Последните четири години беа вистински кошмар. Се боревме да ги исчистиме нашите имиња, да си ја вратиме репутацијата и да докажеме дека не сме направиле ништо лошо. Денеска е направен голем чекор на нашиот пат. Постигнавме договор и сега можеме да продолжиме со нашите животи. Се договоривме да му дозволиме на господинот Џулијани да го задржи својот имот во замена за компензација и неговото ветување дека никогаш повеќе нема да не клевети“, изјавија Фримен и Мос.
Џулијани ги обвини двете жени по име и презиме, за вмешаност во наводни нерегуларности и измами за време на изборите во 2020 година, а тие поднесоа тужба против него за овие клевети.
Тие тврдеа дека нивниот углед бил сериозно нарушен со изјавите на Џулијани, а судот подоцна пресуди дека тие би можеле да бараат отштета за клевета.