РСБСП: Брзото возење сè уште доминантна причина за тешките сообраќајќи

Сообраќајка Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според статистичките податоци брзото возење и понатаму останува доминантна причина за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици, информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Истакнуваат дека и покрај фактот дека брзото возење води кон неславен крај и изнудува грешки кои најчесто завршуваат фатално, голем број на возачи не ги почитуваат правилата за ограничување на брзината.

– Кога е во прашање брзото возење воглавно постојат три групи на возачи и тоа: возачи кои целосно и безусловно ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, возачи кои понекогаш ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината или го прават тоа во рамки на отстапувања кои според нивно лично мислење се прифатливи и возачи кои често ги пречекоруваат правилата за ограничување на брзината, се наведува во соопштението.

Додаваат дека брзината од 10 км на час над дозволената го зголемува растојанието на сопирање на возилото, во просек, за 10 метри, што може да биде фатално, особено во населени места.

Намалување на просечната брзина

Порачуваат дека е важно да се намали просечната брзина во населени места и на регионалните патишта со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот.

– Резултатите од истражувања во странство покажуваат дека со намалувањето на просечната брзина за само 1 км на час, бројот на сообраќајни незгоди во населено место би се намалил за 4 проценти, додека бројот на сообраќајни незгоди надвор од населено место би се намалил за 2 проценти, велат од таму.

Наведуваат дека побавното возење е побезбедно потврдува и фактот дека веројатноста за смртност на пешаците при удар на возило со брзина од 50 км на час е 85 проценти, додека веројатноста пешак да загине при удар на возило со брзина од 30 км на час е помалку од 10 проценти.

-Брзината е клучен фактор на ризик за безбедноста на најранливите групи учесници во сообраќајот, пешаците, велосипедистите, старите лица и децата, а исто така брзината е клучен фактор за сериозноста на последиците за возачите и патниците во возилата, оценуваат од РСБСП.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот