„Ројтерс“: Руси тајно обучени од Кина се борат во Украина
Кина на своја територија тајно обучила околу 200 руски војници, кои потоа биле испратени да се борат во Украина, објави денеска „Ројтерс“, повикувајќи се на извори во три европски разузнавачки агенции и документи до кои имал пристап.
Препорачано
Овие вежби, првенствено фокусирани на употребата на дронови, произлегуваат од руско-кинескиот договор потпишан на 2 јули 2025 година.
Спогодбата која ја цитира „Ројтерс“ предвидува обука на приближно 200 руски војници во кинески објекти, вклучувајќи ги и оние во Пекинг и во Нанџинг, во областите на беспилотни летала, електронско војување, воена авијација и оклопна пешадија.
Според изворите на новинската агенција, војниците што учествувале биле инструктори со задача да го шират своето знаење во рамките на командниот синџир.
Европската разузнавачка агенција тврди дека идентификувала неколкумина од нив кои потоа извршиле операции со беспилотни летала во окупираниот Крим и во Запорожје.
Пекинг, кој се претставува како неутрален посредник, ги отфрли извештаите, велејќи дека одржува „објективен и непристрасен“ став и работи на олеснување на мировните преговори.
Рускиот претседател Владимир Путин е во дводневна посета на Кина, каде што се среќава со претседателот Си Џинпинг.


