Ристоски: Ние сме шампиони на Катар, благодарност до играчите, стручниот штаб и навивачите

Нов голем успех запиша македонскиот тренер Жарко Ристоски кој се закити со петтиот пехар во последните две години со екипата на Ал Рајан во катарската одбојкарска лига за натпреварувачката сезона 2022/2023.
Во финалето играчите на Ал Рајан убедливо со 3:0 во сетови (25:21, 25:17, 25:21) го совладаа нивниот лут ривал Ал Араби.
Најефикасен во победничките редови беше Вено со 18 поени, а на спротивната страна по 11 имаа Седлачек и Петковиќ.
– Фала му на Бога..повторно шампиони. Ние сме шампиони на Катар за 2022/2023 сезона. Петти трофеј за две години со Ал Рајан. Благодарам до сите мои играчи, стручниот штаб, менаџментот и сите фанови – се зборовите на Ристоски.
Претходно во полуфиналната фаза составот на Ристоски со истиот резултат 3:0 триумфираше над Катар спортс.
Пред еден месец нашиот тренер дојде и до титулата шампион во првенството на Западна Азија. Оваа сезона екипата Ристоски имаше само еден пораз.