Ристески ја промовира владината потрошувачка кошничка, вели дека ќе биде поевтина од синдикалната
Иако владиниот предлог за нејзината верзија на просечната потрошувачка кошничка, според која се планира да се моделираат владините мерки и политики во трговијата и во економијата воопшто, е подготвена уште во првата половина од минатата година, но нејзината официјална примена сè уште е на чекање поради тоа што нема одговор од синдикатите и работодавачите, вели заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Препорачано
Тој во гостување во дневникот на „Сител“ рече дека документот бил презентиран на седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) на 30 јули лани, по што бил доставен на разгледување до социјалните партнери. Според него, повеќе од шест месеци се очекува нивен став – дали предложената методологија е прифатлива или има забелешки што треба да се вградат.
Ристески се пофали дека според направените пресметки, новата просечна потрошувачка кошничка ќе биде со износ кој е понизок од синдикалната за најмалку 10 проценти, а ќе биде и под нивото на минималната плата. Тој нагласи дека при нејзината изработка се користени податоци од Државниот завод за статистика, цени од шест национални и два регионални синџири маркети, зелени пазари од различни региони, како и информации од Земјоделскиот пазарен информативен систем.
Кошничката е поделена на два сегмента – храна и безалкохолни пијалаци, како и услуги и други потреби за просечно четиричлено семејство. Од пресметката се исклучени акцизните производи како цигари, тутун и алкохол, кои се третираат како луксуз, но и трошокот за кирија. Според Ристески, ваквата одлука се темели на податоците од пописот во 2021 година, според кои околу 90 проценти од населението не плаќа станарина.
Тој ја критикуваше методологијата на синдикалната кошничка, наведувајќи дека таа се базирала на цени од ограничен број маркети, вклучувала сезонски производи кои не се карактеристични за одреден период, како и кирија, а пресметките се правеле во текот на месецот, а не за цел месечен период.
Сепак, Ристески потенцира дека просечната потрошувачка кошничка нема да биде конкуренција на синдикалната, додавајќи дека синдикатите имаат право да ги застапуваат своите барања, но дека целта на Владата е да понуди реална и статистички заснована слика за трошоците на едно просечно семејство.


