Рибата можете да ја приготвите и во микробранова печка

При прво спомнување микробранова печка, асоцијацијата ви е дека се користи само за подгревање или за одмрзнување храна, но дали знаете дека во неа можете да приготвите вкусен оброк од риба и тоа на пареа

Готвењето на пареа е деликатен кулинарски метод, со кој можете да подготвите вкусни и здрави јадења богати со протеини, како, на пример, риба. Најчесто за таа цел ја користите рерната, со познатиот метод „ен папилот“ или виткање на рибата во пакетчиња од хартија за печење или алуминиумска фолија.

Готвењето трае околу 15-ина минути, а притоа можете лесно да ја проверите мекоста на рибата со притискање со прст преку хартијата. Но, што ако постои уште побрз и подобар начин кој гарантира дека нема да направите грешка? Да, постои и за таа цел потребна ви е микробранова печка. Иако има производи што не е препорачливо да се ставаат во микробранова печка, тоа не важи за рибата. Притоа не се мисли на печена риба, која може да испадне сува и невкусна, а готвена на пареа е вкусна и здрава.

Додајте зачини и сос пред да ја готвите

Пред да ја ставите да се готви, рибата зачинете ја со вашата омилена комбинација од зачини. Лососот можете да го приготвите со соја сос, сусамово масло, мелен ѓумбир, сусам. Морската риба (барбуни и сл.) збогатете ја со комбинација од кокосово млеко, сос од риба, лук, босилек, магдонос и чили. Едноставната комбинација од рендана кора и сок од лимон, младо кромитче, сол, црн пипер и лук ѝ дава одличен вкус на рибата лист. За покомплицирано јадење, ставете филети од риба над зеленчук што брзо се готви, како, на пример, шпаргли, сечкани бабури, тиквички, зелена боранија, со лук, маслиново масло и малку вино.

Трикот е во тоа што при готвење риба во микробранова, нема да погрешите ако изберете која било комбинација од вкусови, само изберете ги вистинските состојки што одговараат со соодветен вид риба.

Гответе само пет минути

Откако ја зачинивте рибата, време е да ја ставите да се готви во микробранова печка. Ставете ја во соодветен сад за готвење во микробранова печка, покријте ја со капак или со најлонска фолија која е безбедна за ваков начин на готвење (ова треба да е назначено на пакувањето) и ставете да се готви.

Доволни се 4-5 минути за филети дебели околу 4 см. Но, ако филетите се потенки, почнете со готвење 2-2,5 минути и ако не се готови, продолжете го времето уште половина минута, па потреба продолжувајте по 20-30 секунди. Откако ќе биде готова рибата, оставете ја кратко да одмори пред да го отворите садот. За тоа време пригответе салата или некој брз прилог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот