Ректорот на Универзитетот во Белград би се кандидирал за претседател: Подготвен сум ако побараат студентите и граѓаните
Доколку студентите и граѓаните од мене тоа го побараат, јас сум подготвен да го прифатам тој ангажман, изјави ректорот на Универзитетот во Белград, Владaн Ѓокиќ, на прашањето дали ќе биде кандидат за претседател, пренесува српската телевизија Нова.
Препорачано
По вчерашниот упад и речиси десетчасовен претрес на просториите на Ректоратот од Одделот за криминалистичка полиција (УКП), Владaн Ѓокиќ од балконот со високо подигната рака во тупаница се обрати до граѓаните кои се собраа пред оваа институција во знак на поддршка. Ректорот беше виден во српската јавност како можен претседателски кандидат на студентите.
Гостувајќи на телевизијата „Нова“, тој рече дека доколку студентите и граѓаните од него побараат некој ангажман, тој е подготвен да го прифати.
„Таа тупаница е еден вид ветување, еден вид доследност дека ќе истраеме на нашиот пат. Сè уште не знаеме кога и какви избори ќе има. Она што го знаеме е дека јас не се пријавив и не агитирав како некој кој има политичка амбиција да биде политички лидер. Јас сум професор на Универзитетот, ректор на Универзитетот. Сепак, во ситуација кога универзитетот е нападнат, кога полицијата упаѓа на универзитетот, кога граѓаните чекаат пред него, имам обврска да им одговорам и на некој начин да се обратам до нив. Доколку студентите и граѓаните од мене побараат некој ангажман, јас сум подготвен да го прифатам“, рече тој.
Говорејќи за упадот на полицијата во Ректоратот, Ѓокиќ изјави дека ова е првпат некоја служба да упадне во таа зграда по окупацијата за време на Втората светска војна.
„Ова е прв и единствен пат откако по Втората светска војна и окупацијата некоја служба упадна во Ректоратот во Белград, тоа не се случи ниту во 1968 ниту во 2006 година, и сега се случува првпат“, наведе Ѓокиќ.
Тој објасни дека полицијата кога дошла со налогот му рекла дека доаѓа поради истрага поврзана со несреќниот случај на студентка од Филозофскиот факултет која трагично го загубила животот, но дека во самата наредба не било спомнато тоа, туку се барало да се изврши проверка на просториите и дека тој се сомничи за повреда на службената должност.
Наведе дека при претресот припадниците на УКП пронашле материјали од студентските протести, и дека тој ги потпишал сите записници освен еден, кој, како што рече, се однесувал на една процедурална грешка за која се сомневале дека е намерна.
„Во вториот претрес, наводно пронашле петарди кои одеднаш се појавиле. Тој дел од записникот не сакав да го потпишам“, појасни ректорот на Универзитетот во Белград.
Дејан Џелебџиќ, доцент на Филозофскиот факултет изјави дека полицијата не била во просториите на овој факултет и затоа верува дека „мета на нападот бил ректоратот“.
Доцент на Филозофскиот факултет во Белград: Мета при упадот на полицијата беше ректоратот и управата
По упадот на Одделот за криминалистичка полиција (УКП) во зградата на Ректоратот во Белград, професорите и студентите синоќа во 19 часот излегоа масовно на протест. Им се приклучија и голем број граѓани за да го изразат својот револт против упадот, но и да ги поддржат професорите и студентите на белградските факултети.
Демонстрациите почнаа тензично, со бројни полициски сили кои со пендреци тепаа граѓани, а употребија и солзавец. Според новинарите кои низвестуваат од протестот, нивен колега бил меѓу повредените на протестот. Тој бил удрен со пендрек и беше однесен во болница со возило на брза помош.
ВИДЕО | Тензично е пред Ректоратот во Белград: Маскирани полицајци тепаат студенти со пендреци
Студент преку мегафон им соопшти на насобраните пред Ректоратот дека полицијата нема да му дозволи на ректорот Владан Ѓокиќ да излезе на балконот за да ја поздрави толпата. Сепак, тој излезе и ги поздрави насобраните со крената тупаница.
„Им велам на студентите, ја видовте полицијата на Универзитетот, тоа не е победа, тоа е пораз за владата. Тоа не е напад врз мене лично, туку напад врз идејата дека постои некој и нешто што владата не може да го контролира. Тие не можат да го одземат универзитетот затоа што не се работи за ѕидови и компјутери, туку за луѓе“, им порача меѓу другото на студентите.
Доцентот Џелебџиќ вчерашниот говор на ректорот Ѓокиќ го оцени како „антологиски“.
„Со самата содржина е антологиски, секој збор ја погодува суштината, нема вишок, директно им се обраќа на граѓаните, студентите, институциите на ЕУ“, изјави доцентот, кој верува дека овојпат нема да изостане реакција од меѓународната академска заедница.
Говорот на ректорот на Белградскиот универзитет: „Не дојдоа да истражуваат. Дојдоа да понижат“


