Принтскрин од видео од Н1

Доцент на Филозофскиот факултет во Белград: Мета при упадот на полицијата беше ректоратот и управата

Група декани на факултети од Универзитетот во Нови Сад го осудија упадот на полицијата во зградата на Ректоратот на Универзитетот во Белград како „нарушување на автономијата на универзитетот и достоинството на неговите членови“. Дејан Џелебџиќ, доцент на Филозофскиот факултет изјави дека полицијата не била во просториите на овој факултет и затоа верува дека „мета на нападот бил ректоратот“, пренесува Н1.

„Тие вчера ги проверуваа исклучиво просториите на ректоратот. Во просториите на Филозофскиот факултет, во старата зграда, полицијата воопшто не влезе, немаше налог за тоа, целта беше управата на Универзитетот“, изјави Џелебџиќ за Н1.

Џелебџиќ оцени дека власта сакала да покаже дека Универзитетот е поразен, имајќи предвид дека на некои телевизии во програмата беше следен упадот во зградата на Ректоратот.

„Треба да се испитаат околностите под кои се случи тој настан, како што требаше достоинствено и во тишина да се оддаде почит (на загинатите од настрешницата), меѓутоа власта и режимските медиуми тоа не го дозволија. Уште од рано утро, од петок, се создаде врева. Што се однесува до платото, се надевам дека ќе дојде време кога ќе може да се реконструира и на вистински начин да се одбележи трагичната смрт“, рече тој и додаде:

„На ТВ Информер видовме како полицијата влегува во зградата и мислам дека тоа е сликата што сакаат да ја прикажат – дека универзитетот е поразен. Тоа безброј пати можеше да се види на различни телевизии“, изјави доцентот Џелебџиќ.

Тој истакна дека овој настан можел да се насети од односот на Ана Брнабиќ кон ректорот Владан Ѓокиќ на претходно одржан Одбор за образование.

„Во Ректоратот нема ништо што би требало да ја интересира полицијата“

„Одговорот на прашањето зошто ректорот Ѓокиќ е мета го добивме уште на собранискиот одбор – односот на претседателката на Собранието Ана Брнабиќ кон ректорот ја шокираше јавноста, но ако се ослободиме од тој шок, ќе видиме дека таа тоа го најави. Кога ќе видите колку пати го праша што има во ректоратот, кој е таму, сè ви станува јасно. Секако дека во ректоратот нема ништо што би требало да ја интересира полицијата. За време на блокадите ситуацијата беше поинаква, но дури ни тогаш немаше ништо што би ја интересирало полицијата“, рече Џелебџиќ.

ВИДЕО | Инциденти на протестот во Белград – полицијата не му дава на ректорот Ѓокиќ да им се обрати на студентите

Тој се осврна и на наводите дека настраданата студентка дошла до просториите на факултетот преку премини во рамките на ректоратот, но истакна дека не знаел дека такви премини постојат, ниту дека некој ги користи освен вработените.

„Гледам друг вид спинување, а тоа е дека таа влегла преку ректоратот, но тоа нема никаква смисла. Таквите премини евентуално ги користат вработените, но јас како студент не знаев дека тоа постои“, изјави тој.

ВИДЕО | Тензично е пред Ректоратот во Белград: Маскирани полицајци тепаат студенти со пендреци

„Говорот на ректорот Ѓокиќ беше антологиски“

„Деканот на Филозофскиот факултет и целата управа се мета – тие беа дел од првата фаза. Во петок долго беа на сослушување, бев на факултетот па знам колку траеше тоа. Деканот одамна е мета на медиумите, уште пред овие протести, но во текот на вчерашниот ден тежиштето се префрли на универзитетот. Тој со ова е нападнат и тоа е апсолутно точно“, изјави Џелебџиќ.

Тој вчерашниот говор на ректорот Ѓокиќ го оцени како антологиски.

Говорот на ректорот на Белградскиот универзитет: „Не дојдоа да истражуваат. Дојдоа да понижат“

„Тој говор е антологиски. Кога ќе го прочитате, од две причини – прво поради содржината и пораката, но и поради контекстот во кој настанал. Ректорот вчера практично беше во заробеништво. По самата содржина е антологиски, секој збор ја погодува суштината, нема вишок, директно им се обраќа на граѓаните, студентите, институциите на ЕУ“, изјави доцентот, кој верува дека овојпат нема да изостане реакција од меѓународната академска заедница.

„Луѓето што беа надвор имаа многу дилеми, ние дури потоа можевме да се разотидеме, во една оптимистичка атмосфера, расположени и уверени дека сме способни и понатаму да го браниме универзитетот“, рече тој.

ВИДЕО | „Полицијата може да ги земе документите, но не и вистината“: Ректорот Ѓокиќ им се обрати на граѓаните во Белград

„На Филозофскиот факултет од петок се менуваат инспекции“

Џелебџиќ потврди дека Филозофскиот факултет во Белград го посетуваат инспекции, за кои смета дека се начин да се влијае врз автономијата на факултетот.

„На Филозофскиот факултет од петок се менуваат инспекции, освен полицијата, беше Инспекцијата за труд која проверуваше какви се условите за работа, а најавено е и доаѓање на Просветната инспекција. Тие инспекции се начин на кој власта може да влијае врз универзитетот. Тој има одреден степен на автономија, дали е тоа доволно е друго прашање, но начин на кој власта може да влијае се токму инспекциите, бидејќи тие можат да му дадат препорака на министерот да спроведе одредени мерки“, заклучи Џелебџиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот