instagram@skopje_2025

Рекордни 200 спортисти од Македонија на „Скопје 2025“ – претстои 18. Европски младински олимписки фестивал

Најмасовното спортско натпреварување што било кога се одржало во земјава, ЕМОФ „Скопје 2025“ ќе започне в недела. Македонија ќе настапи со досега најбројен спортски тим, околку 200 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 15 спорта. Вкупно ќе има 4.000 учесника од 50 земји

Македонскиот спорт не забележи побројна застапенот на некој спортски настан од она што следува, настапот на Европскиот младински олимписки фестивал, каде што над 200 наши млади спортисти ќе настапат во 15 спорта.

Македонија е домаќин на ова натпреварување кое ќе има над 4.000 учесника од педесетина земји, а ќе се натпреваруваат спортисти од 14 до 18 години.

Спортската младост и надеж на Европа ќе дефилира во Скопје, во Куманово и во Осијек (Хрватска) на оваа своевидна млада европска олимпијада. Македонија како организатор ќе го има најбројниот тим, нашите спортисти ќе учествуваат во сите спортови. Отворањето е в недела, а настанот ќе трае до 26 јули.

– Имаме реални шанси за добри резултати во некои од екипните спортови, потоа во теквондо, кајак, но и во другите спортови. Очекуваме нашите млади спортисти да го дадат најдоброто од себе и да постигнат резултати со кои сите ќе се гордееме. Конкуренцијата ќе биде жестока, младата спортска елита од цела Европа ќе се натпреварува на овој настан – ни изјави Сашо Поповски, генерален секретар на МОК.

Организацијата оди добро

Според него, работите на организацијата на овој досега најголем спортски настан на кој домаќин е Македонија, одат добро.

– Овa е настан од големи пропорции. Македонскиот олимписки комитет, Министерството за спорт, националните спортски федерации координирано работат на организацијата, за да биде се во ред. Работите од секој аспект одат добро и според планот. Очекувам така да биде се до крајот на овој настан – вели Поповски.

Добра шанса за нашите спортисти

Македонија досега има настапи на 12 вакви младински олимписки фестивали под капата на Европскиот олимписки комитет, главно со екипи од по пет-шест спортисти.

На 12. настапи немаме освоено ниеден медал, па овој настан на кој сме домаќини и бројот на нашите учесници е добра шанса некој македонски млад спортист или спортисти да се закитат и со трофеи.

На „Скопје 2025“ (вкупно 18. издание на ЕМОФ) ќе има натпревари во спортовите атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. Натпреварите ќе се одвиваат во Скопје и во Куманово, а исто така и во Осијек, Хрватска, каде што ќе настапат гимнастичарите.

Македонија е без медал на 12 европски младински олимписки фестивали – ќе се промени ли тоа на Скопје 2025?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот