Фото: Принтскрин/Инстаграм

Рецепт за новогодишен фереро роше чискејк: Идеален за секој што сака да направи нешто импресивно, но брзо

Новата година е совршена можност на трпезата да блеснат десерти што пленат со својот изглед и вкус, а овој фереро роше чискејк е токму тоа.

Комбинацијата од чоколаден крем, крцкави лешници и мек фил од крем-сирење го прави неодолив при првиот залак, додека основата од мелени бисквити и какао дава чоколадна основа што се топи во устата.

Овој чискејк е исто така визуелен спектакл: прекрасно се сече, а декорацијата од чоколаден ганаш, топчиња фереро и крупно сечкани лешници дополнително го надополнува празничниот изглед.

Брзо и лесно се подготвува, што го прави идеален избор и за оние што сакаат да направат ефектен десерт и немаат премногу време за комплицирани деликатеси.

Ако сакате чоколадо и лешници, овој чискејк ќе стане вашиот омилен десерт што ќе го правите не само за празници, туку и за секоја посебна пригода.

Состојки:

За подлога:

– 350 г мелени чоколадни бисквити
– 125 г путер, растопен и разладен
– 2 лажици какао

За фил:

– 350 г слатка павлака
– 100 г шеќер во прав
– 400 г крем-сирење
– 300 г чоколаден крем од лешници
– 100 г мелени наполитанки од лешници
– 100 г лешници (половина ситно исечкани, половина мелени)
– 1 ќесичка желатин
– 5 лажици вода за желатин

За декорација:

– 100 г чоколадо
– 150 мл слатка павлака
– фереро роше топчиња
– сечкани лешници

Подготовка:

Чекор 1: Подготовка на подлогата

Во мелените бисквити додадете ги растопениот путер и какаото. На половина од мешањето, со лажица изгребете ја смесата од страните на садот и мешајте додека сè не се соедини. Ставете ја смесата во калап со дијаметар од 20 см и израмнете. Оставете во фрижидер да се стегне.

Чекор 2: Подготовка на филот

Изматете ја слатката павлака, постепено додавајте шеќер во прав. Додајте го крем-сирењето и матете додека смесата не стане мазна. Додадете крем, наполитанки и лешници и сè добро измешајте.
Совет за сечење торта: Чискејкот најдобро се сече со остар нож потопен во топла вода за да добиете уредни парчиња.

Чекор 3: Подготовка на желатинот

Потопете го желатинот во две лажици ладна вода 5-10 минути за да набабри. Ставете го во тенџере со три лажици вода, мешајќи на тивок оган додека целосно не се растопи. Сипете две или три лажици од филот во желатинот, добро измешајте, а потоа вратете ја целата смеса во филот и изматете.

Чекор 4: Редење

Филот сипете го врз основата од бисквити и израмнете го. Оставете го чискејкот во фрижидер преку ноќ да се стегне.

Чекор 5: Декорација

Пред да го отворите калапот, поминете со ножот околу чискејкот за да го одвоите од рабовите. Украсете го со чоколаден ганаш (100 г чоколадо растопено со 50 мл слатка павлака), изматена слатка павлака и сечкани лешници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот