Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Рецепт за сочно тирамису
Дијана Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Препорачано
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно вистинско гастрономско уживање – сочно тирамису.
– Она што ми се допаѓа кај овој рецепт е што не содржи „живи“ жолчки и што нема желатин, а сепак, држи форма и може да се сече за сервирање. Навистина е лесно да се направи и е многу вкусен. Ја сакам комбинацијата на рум и кафе заедно – порачува Дијана.
Потребни состојки:
- 400 грама пишкоти
- 6 жолчки
- 150 грама шеќер
- 160 мл млеко
- 450 грама маскарпоне
- 300 мл слатка павлака
- 400 мл кафе
- 4 лажици рум
- какао во прав за посипување
Подготовка:
Во 400 мл врела вода растворете 4 лажички инстант кафе. Оставете го целосно да се излади.
Во тенџерче измешајте ги жолчките со шеќерот и полека мешајќи, додајте го млекото.
Загревајте ја смесата, мешајќи цело време и откако ќе зоврие варете на тивко околу две минути. Овој чекор ќе го згусне малку кремот и ќе ги пастеризира жолчките. Покријте го кремот со проѕирна фолија и оставете го да се излади.
Убаво изматете ја слатката павлака.
Во ладниот крем од жолчки изматете го маскарпонето. Додајте ја и слатката павлака и матете додека не добиете мазен крем.
Во кафето ставете го румот.
Потопувајте ги кратко пишкотите во кафето и наредете ги во тавче.
Нанесете половина од кремот врз пишкотите. Повторете со уште еден ред пишкоти и крем.
Покријте со фолија и оставете го во фрижидер преку ноќ.
Посипете со какао во прав пред послужување.
Уживајте!


