Новинари, фото: МИА

„Реактор“: Локалното новинарство е со ограничени ресурси, блиско до центрите на моќ и изложено на притисоци

Локалното новинарство функционира во услови на ограничени ресурси, блискост до центрите на моќ и зголемена изложеност на притисоци, што директно ја поткопува неговата улога како чувар на јавниот интерес. Бројот на локални редакции се намалува, работните услови се неизвесни, а новинарите често се принудени да работат за повеќе медиуми истовремено. Притоа, драстичниот пад на интересот за новинарската професија укажува на долгорочна криза во одржливоста на секторот.

Ова го покажува новата анализа „Локалното новинарство под ризик: политички притисоци, економска несигурност и родова нееднаквост ја поткопуваат медиумската слобода“ која ја направи „Реактор – истражување во акција“.

Според искуствата, околу половината од новинарите се вработени на определено време, што значи дека преовладува нестабилна работа и краткорочни ангажмани. Понатаму, повеќе од четвртина од новинарите пријавиле дека работат повеќе од законски пропишаните 40 работни часа во неделата, додека повеќе од пола заработуваат под националната просечна месечна плата, а над една третина пријавиле дека работното време не се исплаќа соодветно.

„Тоа секако ја намалува привлечноста на професијата кај младите новинари и го отежнува обидот за нивно задржување во медиумската сфера. […] Ниските примања ги одвраќаат младите и тие многу брзо губат интерес за новинарството. Бројот на студенти запишани на студии по медиуми, новинарство и комуникации е забележително опаднат во последните години“, стои во анализата.

Финансиската состојба е особено загрижувачка на локално ниво, каде бројни медиуми се затвораат, а бројот на дописници се намалува. Според извештаите, велат од „Реактор“, најчесто примањата на локалните новинари се под месечниот просек поради што се принудени да работат за неколку медиуми.

„Наодите покажуваат дека најчесто локалните редакции се принудени да го намалат бројот на вработени или не се во состојба да вработуваат нови новинари, како резултат на ограничените финансии, но и на намалениот обем на лица кои се занимаваат со оваа професија, што од друга страна резултира со значително помали и преоптоварени уреднички тимови“, стои меѓу другото во анализата.

ССНМ: Само безбедни и добро платени новинари и медиумски работници можат да продуцираат новинарство кое го штити јавниот интерес.

Родовата димензија, велат од „Реактор“ дополнително ги продлабочува овие предизвици.

„Новинарките, кои се мнозинство во професијата, се соочуваат не само со економска несигурност, туку и со родово засновано вознемирување, дискриминација и недоволна институционална заштита. Овие проблеми често остануваат невидливи и нормализирани како „дел од работата”, што создава култура на молчење и самоизолација“, посочуваат од „Реактор“.

За да се зајакне медиумската слобода и демократската отпорност, велат тие, неопходни се итни и системски мерки.

„Извештајот се приклонува кон препораките на ССНМ и ЗНМ за воспоставување независен фонд за медиумски плурализам, насочена финансиска поддршка за локалните медиуми, зајакнување на работничките права и воведување родово-сензитивни механизми за заштита на новинарките. Дополнително, потребно е инвестирање во техничките капацитети, поддршка на неформалните мрежи на солидарност и поттикнување на младите да влезат во професијата“, констатираат од „Реактор“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот