Разговор со Викторија Д. Пешиќ од „Трифантино“: Креативна приказна за комплетна удобност и уживање на најмладите

Фото: Приватна архива

Викторија Д. Пешиќ приватно е сопруга и мајка на три деца Миа, Матеј и Стефан, а професионално – професорка по англиски јазик и книжевност и креаторка на брендот „Трифантино“.

Кои беа почетоците на креирањето на Вашата креативна приказна наречена „Трифантино“?

– Приказната „Трифантино“ започна пред некои 7 години и тоа сосема непланирано и нетенденциозно да прерасне во нешто повеќе од хоби. На почетокот беше само забавен начин да научам нешто ново и да создадам нешто интересно за моите деца, а коешто тогаш не се нудеше на нашиот пазар. Многу брзо „Трифантино“ стана нешто многу повеќе од тоа.

Фото: Приватна архива

Пред да почне приказната „Трифантино“, водев приватно училиште за странски јазици – мојата прва и најголема љубов. Меѓутоа, грижата околу тригодишно дете и две бебиња никако не оставаше простор за водење на училиште, подготовка на часови, предавања, тестирања итн.

Фото: Приватна архива

Беше невозможно да се „жонглира“ со толку обврски и одлучив да паузирам додека не потпораснат за да можам да го дадам својот максимум и во работна смисла. Во меѓувреме, се роди идејата да научам да шијам и да направам нешто ново и интересно за моите деца.

Фото: Приватна архива

Кое е значењето на името на Вашата креативна приказна и што сè се создава под овој бренд?

– За името размислував прилично долго. Имаше многу идеи на почетокот, но ниедна не ме доведе до она „Да! Ова е тоа!“, сè додека не решив да најдам име што во себе ќе ја содржи движечката сила зад брендот, а тоа се моите три деца – ќерката Миа и близнаците Матеј и Стефан. Така дојдов до кованицата „Трифантино“: бројот три и зборот инфант со значење „бебе, мало дете“ кој доаѓа од една архаична форма во англискиот јазик – инфантино.

Фото: Приватна архива

Под брендот „Трифантино“ се изработува речиси сè што е потребно и/или неопходно од постелнини, (не)персонализирани гнезда, оградици, јорганчиња, перници, декоративни перници, меки куклички и разни други декорации.

Фото: Приватна архива

Кое беше првото парче што го создадовте?

– Колку што помнам, првото парче беше една џиновска перница во форма на сладолед во корнет за мојата тогаш тригодишна ќерка. Потоа следуваа облачиња, ѕвезди, месечинки, лебеди и секако една голема мека табуретка и ситни декорации за во нејзината соба.

Фото: Приватна архива

Набрзо имав една порачка за целосен сет за бебешко креветче од една драга пријателка и потоа веќе следуваа порачка по порачка. Додека сфатам дека веќе изработувам и за други, „Трифантино“ веќе не беше само занимација додека сум на породилно отсуство.

Фото: Приватна архива

Тројна инспирација. Кои се заштитните лица на оваа креативна приказна и колку тие се вклучени во процесот на креирање?

– Тројната инспирација, заштитните лица и движечката сила се моите три деца – Миа, Матеј и Стефан.

Фото: Приватна архива

„Трифантино“ се роди и расте паралелно со нив, па така сите тројца се инволвирани во многу аспекти од работата. Често ми цртаат перници што би сакале да ги изработам (и се особено среќни и горди кога ќе реализирам нешто што тие го предложиле); кога ќе направам скици, знам да им ги дадам за да ги обојат во боите во кои едно дете би сакало да ги има. Исто така, секогаш кога имам нов дизајн (на хартија или пробна изработка), тие се првите критичари. Прво барам нивно мислење. Доколку кажат дека им се допаѓа „ептен многу“, знам дека тоа е тоа.

Фото: Приватна архива

Често се со мене на работа. Просторот ми е така уреден да имаат свое катче каде што ќе можат да се чувствуваат како дома додека работам, а најинтересниот дел ми е кога пакувам порачка за карго. Сите тројца трчаат околу мене да помогнат со пакувањето. Тука секако е и огромната поддршка и помош од сопругот во секое време.

Фото: Приватна архива

Нивни омилени парчиња се сите перници со ликови од шумски животни и дома имаат навистина многу. Освен тоа, секојпат кога ќе изработам нешто ново, првото прашање е „Може и за мене ваква?“. И нормално, секоја пилот-перница мора да оди кај нив во соба така што ги имаме во толку многу бои и дизајни што со секоја постелнина комбинираат различни перници. Воодушевувачки е колку дете може да радува на декоративна перница.

Фото: Приватна архива

Неколку предлози што се неопходни за едно новороденче?

– Секогаш давам предност на практичноста и функционалноста кога станува збор за она што му е потребно на едно бебе/дете.

Фото: Приватна архива

Едно од најпрактичните и најкористените работи е гнездото. Додека се роди бебето, сите правиме планови како ќе се одвива денот, кога и каде ќе спие итн. Реалноста е малку поинаква. Гнездото дава простор да се приспособиме на расположението и на потребите на бебето. Нуди безбедност при спиење и/или лежење во кој било дел од домот. Некои бебиња не прифаќаат да спијат сами во соба. Со гнездото како преносливо креветче многу аспекти од грижата за едно бебе и за домот ни се олеснуваат. Што и да правиме по дома, во кој дел од домот и да сме, бебето може да биде во наша близина и безбедно да спие.

Фото: Приватна архива

Други неопходни работи се секако постелнините, особено долните чаршафчиња. Тоа е нешто што многу често треба да се менува и потребни се барем 5-6 долни чаршафи за секогаш да имаме чиста постелнина при рака. Би ги издвоила и цилиндричните обиколки како мултифункционални и крајно корисни. Може да бидат замена за гнездо, ниска оградица што амортизира удар, потпора при доење, потпора при првите обиди на бебето да седи, а понатака, зависно од имагинацијата и креативноста – може да се користи за разни забавни игри и детски лудории по дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот