Разговор со Веселин Вујовиќ: Едвај чекам да ги видам Комитите на трибините

Веселин Вујовиќ има катастрофален здравствен билтен пред вториот меч со Пик Сегед/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Доколку би можел да менувам, тогаш би се откажал од еден квалитетен странец да го немам во тимот само за Комитите да бидат на трибините. Ете толку ни се важни и на мене и на ракометарите нашите навивачи.  Навивстина ми недостасуваат и размислувам за таа средба кога ќе ни дозволи ситуацијата, кога ќе има полна сала и кога ќе излезам на теренот, вели тренерот на Вардар.

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 во новата сезона го очекува битка на три фронта, во домашните натпреварувања, СЕХА Лигата и Лигата на шампионите, а на клупата ќе седи добро познато лице, Веселин Вујовиќ кој по трет пат седнува на клупата на „црвено-црните“.
– Откако Михајло Михајловски се врати во Вардар, мислам дека немаше човек во ракометот кој не помисли или не не рече „е сега Вујо ќе дојде за три, шест месеци или за година дена“. На крајот така и испадна, Вујо се врати во Вардар – вели Веселин Вујовиќ.

Вујовиќ во Вардар се враќа по пауза од девет години, легендата на светскиот ракомет си замина во 2012 година, а сега доаѓа во едно поинакво Скопје и сосема поинаков Вардар кој за тоа време освои две титули во Лигата на шампионите.

Прво Скопје како град доживеа големи промени, поинаков е, изгледа помодерно, но тоа е тренд на сите европски градови. Мислам дека Скопје е европски град и тоа го покажува во многу сегменти. Потоа доаѓаме до Вардар кој за време на моето отсуство направи неверојатни работи, имаше фантастичен подем, фантастични резултати со освојување на двете титули во ЛШ и тоа е навистина неверојатно. Но, во еден момент се мислеше дека на Вардар ќе му се случи тоа што се случи со Кометал – дека ќе го снема од ракометната мапа. Русинот Сергеј Самсоненко направи многу добри работи, но во сето тоа тој виде некој интерес и на него спортот не му беше мотив. Тоа што го направи со новата сала и хотел се работи кои не може да ги однесе. Тие ќе останат и тоа е голема работа – смета Вујовиќ кој открива дека не се променети само Скопје и Вардар туку и самиот тој.

Мислам дека многу се променив за сиве овие години и случувања. Јас сум во години кога поинаку реагирам кон играчите, кон судиите, кон противникот, семејството. Тој карактер кој ме фаворизираше како играч, ми помагаше, но како тренер понекогаш ми одмагаше. Но, не се променив толку за да немам мотив желба за победа, да го немам адреналинот, гладот за за победа кога размислувам дека ни доаѓа Кил, Барселона, Веспрем. Тој адреналин ме држи, и кога ќе престанам да го чувствувам, тогаш повеќе нема да бидам во ракометот.

Иако се враќа во добро позната средина, во тимот кој му е во срцето исто како и навивачите, популарниот Вујо не чувствува притисок. Вардар освои две титули во ЛШ со Самсоненко како прв човек, а сега старо-новиот претседател Михајло Михајловски се обидува да ги повтори резултатите иако во новата сезона целта е пласман во топ осум фазата во ЛШ.

– Искрено не чувствувам никаков притисок да се вратам во Вардар кој сигурно не може да се спореди со оној Вардар кој ги освои титулуте во ЛШ кога го предводеа Раул и Парондо кога ќе се види кои играчи играа во тоа време и каков квлаитет имаше во екпиата. Сега Вардар се наоѓа во еден вид на транзиција, а моe е да работам најдобро што можам и што знам и да видиме колку ќе биде доволно да извлечам максимум од екипата. Тоа значи дека доколку е реално некого да го победиме со два разлика, тогаш да го направиме тоа, а не да загубиме со еден гол. Михајло е човек со амбиции, човек кој сака да повтори некои резултати кои ги направи Самсоненко и тоа е добро бидејќи е претседател, но во исто време е и реален во тоа. Мора да си поставиме цели пред нас. Мене ми е важно играчите да не чувствуваат таков товар да се повторат резултатите. Може да се загуби, но начинот на кој ќе се направи тоа е важен – зборува Вујовиќ кој исто така открива каков Вардар ќе гледаат навивачите во претстојната сезона.

Тренерот најавива дека Вардар ќе игра квалитетен и брз ракомет/ фото: РК Вардар 1961/Денис Дуковски

– Јас пред се сметам дека добра одбрана е темелот на се, тоа беше и моја филозофија, но доколку премногу размислуваме на тоа и се фокусираме на одбраната, ќе ја загубиме креативноста и убавината во нападот, трчањето и такви работи поради кои публиката доаѓа на трибините. Поради тоа сметам дека филозофијата грда победа е подобра од убав пораз не е за нас. Ќе се трудиме да играме квалитетен ракомет, да имаме неколку опции на квалитетни одбрани, да можеме да трчаме, да имаме комбинации во нападот. Ќе биде тешко, ќе треба се да се вклопи, домашно првенство, СЕГА лига и ЛШ. Често сум во дуел со претседателот Михајовски со кого сум и најдобар пријател бидејќи сметам дека едно од овие натпреварувања мора да пуштиме, дали е тоа СЕХА лига и колку е важно да сме во фајнал фор и колку тој ќе ни донесе добро, доколку Веспрем е неприкосновен во овој момент. Можеби би било подобро да се фокусираме на ЛШ и на домашното првенство.  Мора да бидеме реални дека Вардар нема ростер и квалитет да ги издржи сите три натпреварувања во полна сила иако никој нема да му прости на Вујовиќ доколку некој пат загубиме на домашен терен од екипа од која сме поквалитетни. Сепак, мора да бидеме реални и да видиме што е најдобро за нашите амбиции и проценки.

Тренерот со нетрпение го очекува моментот кога трибините во СЦ Јане Сандански ќе бидат полни и ќе може да ги поздрави верните навивачи на Вардар, Комитите.
– Не сакам да размислувам дека навивачите, а посебно Комитите ќе бидат лимитирани да дојдат во сала. Доколку би можел да менувам, тогаш би се откажал од еден квалитетен странец да го немам во тимот само за Комитите да бидат на трибините. Ете толку ни се важни и на мене и на ракометарите нашите навивачи. Доаѓав да го гледам Вардар во ЛШ и тогаш тие ми скандираа Вујо мајсторе, каде и да ги сретнам ја имам и ја чувствувам нивната неверојатна поддршка. Навивстина ми недостасуваат и размислувам за таа средба кога ќе ни дозволи ситуацијата, кога ќе има полна сала и кога ќе излезам на теренот – односно дали ќе може да се случи нешто слично како кога се вратив во Скопје како тренер на Загреб. Големите спортисти но и моите пријатели често велат, кога еден тренер ќе го доживее тоа што јас го доживеав во Кале, тогаш не мора да работи повеќе ништо во животот. Тоа е врвот на нештата, да докажете дека сте направиле нешто што не се заборава. Искрено се надевам дека Комити ќе бидат на трибините и дека ќе бидат нашиот осми играч на натпреварите.

За разлика од претходниот пат кога го предводеше Вардар, Вујовиќ и главната битка за титулите ја водеше со Металург, овој пат во домашниот шампионат нов главен конкурент ќе му биде Еурофарм Пелистер. Вардар и Пелистер пред стартот на новата сезона одиграа два натпревари, во суперкупот кој им припадна на битолчани, додека на турнирот во Струга славеа црвено-црните.
– За жал многу работи ќе зависат од пандемијата на коронавирусот. Натпреварот кој го одигравме во Струга немаше да биде таков доколку немаше навивачи. Поинаква ќе беше сликата на теренот, мотивацијата на играчите на двете екипи сигурно ќе беше поинаква. Полна сала во Битола и полн Јане Сандански ни гарантира специјална емоции, квалитет, инциденти,  борбеност бидејќи се може да се случи на теренот кога трибините се полни.  Јас сум пријатно односно непријатно изненаден од квалитетот на Е. Пелистер бидејќи во личен контакт и дуел видов дека тоа е квалитетна екипа која ја предводи добар стратег, дека поставија систем и не само за нас туку и во Европа ќе бидат сериозен противник за секого. Е сега натпреварите пред стартот на сезоната се поинакви, лично мислам дека доколку имаме скала од 1 до 10, Е. Пелистер моменто е на девет и можат да напредуват само уште малку, додека ние сме на ниво пет и имаме поголем простор за напредок и можеби тоа да пресуди во конечниот збир кој ќе ја освои титулата.  Ќе видиме, но добро е за македонскиот ракомет да постои ривалство, тоа е добро и за репрезентацијата, за популарноста на спортот. Навистина е добро да не биде како што беше пред неколку години кога пред стартот на првенството се знаеше дека Вардар ќе ги освои титулите – смета тренерот на Вардар кој исто така најавува и интересна сезона во домашниот шампионат.

Веселин Вујовиќ најавива дека Вардра ќе игра модерен брз, модерен ракомет/Фото: Слободен печат

– Не знам што ќе се случува во Металург, ги донесоа браќата Њокас кои веднаш го кренаа квалитетот на екипата, тука е и Дупјачанец, го имаат и Хорват кој е историски играч. Малку ми е нелогично да донесат така квалитетни странски ракометари, а да не играат во Европа, но доколку останат комплетни тогаш нема да ме изненади доколку направат изненадување против фаворитите Вардарт или Пелистер со освојување на некој бод бидејќи сигурно е дека во Автокоманда нема да може да се игра лесно и поредвреме да се смета на бодовите. Бутел пријатно ме изненади, имаат добар систем, добри емоции, добро трчаат и играат и тие се сериозен противник. Тинекс Пролет не го гледав но очекувам да бидат сериозен противиник исто така.  Тиквеш со Ристо Магдинчев кој е историски тренер кој има удрено свој печат во ракометот како домаќин ќе биде тежок противнк. Ќе има едно пет екипи со највисоки амбиции и ќе биде доста интересно првенство. Нема да се избегне дека Вардар е фаворит како што е и Пелистер, но ќе мора добро да се намачат за да ги исвојат бодовите против тие екипи и како гости но и како домаќини.

Во Битола е пишувана ракометната историја

Најважно е дека никогаш не сум губел во Битола, но натпреварите секогаш биле на „нож“, постојано имало огромен притисок од трибините и во времето кога бев играч и во минатото кога како тренер во предводев Вардар. Секогаш бев навредуван од Чкембарите, но секогаш тоа беше само во сала и за време на натпревар. Кога ќе завршеа натпреварите луѓето се сликаа со мене, се поздравуваа и тоа е еден вид на забранета љубов.  Битола има најголема ракометна историја во Македонија, поголема дури и од Вардар. Без разлика што Вардар два пати беше шампион во ЛШ и е ракометен бренд. ракометната историја е пишувана во Битола од каде потекнуваат доста добри ракометари, таму изникнаа добри ракометари. Ја сакам Битола како град, а кога Пелистер беше во криза, Михајло Михајловски како претседател на РФМ му помагаше на клубот, му даваше плата на тренерот, на ракометарите им даваше стипендии, дури им позајмувавме и играчи иако другите клубови беа против нас, и сега ми е жал што некои луѓе тоа го заборавија – вели Вујовиќ.

Успех ќе биде да афирмираме три-четири македонски ракометари

Успех за мене би бил доколку фирмираме 3-4 македонски играчи и следната сезона да ангажираме уште неколку, за основата на тимот да бидат македонските ракометари. Потоа да се доведат квалитетни странски засилувања. Дали ќе влеземе во топ 8 фазата или не, нема да биде премногу важно доколку добиеме 3-4 македонски ракометари кои можат да играат во ЛШ и на нивно место не мора да се носат странци, тогаш тоа би бил подобар успех отколку да се освои некоја титула. Кога ги започнавме подготовките во Златибор доста се дружев со младите ракометари. Знаев дека им е потребна една пријателска, не тренерска туку повеќе како родителска дружба и тоа со цел да не чувствуваат некаков страв од Вујо туку да чувствуваат како да сум им родител во клубот и очекувам од нив да ми вратат со борбеност, желба, залагање и да не дозволат странец да има предност пред нив – смета тренерот на Вардар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот