Ракометарите против Црна Гора ги бараат првите бодови на ЕП 2022

фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва од 18 часот ќе го игра вториот натпревар на Европското првенство, откако во првото коло, избраниците на Кирил Лазаров несреќно загубија од Словенија со 25:27.

Во салата „Феникс“ во Дебрецин, ракометарите играат против Црна Гора, а двете репрезентации во овој натпревар влегуваат по поразите во првото коло. Црногорците загубија од фаворитот Данска со 30:21, додека неискуството ги чинеше „црвено-жолтите“ позитивен исход против Словенија.

Селекторот Лазаров очекува вечерва поинакво издание од неговите ракометари, односно да го исполнат зацртаните цели и да не ги понесат емоциите како со натпреварот против Словенија.

– Се договоравме да не ги понесат емоциите и да бидат фокусирани на она што е договорено, да го оставиме „шлагот“, славењето за крај, сепак се работи за една млада и неискусна екипа и како поминува времето да станат победници, да знаат како се победува и тоа малку ме загрижува, затоа што на некои договорени работи паднавме, не ги исполнивме. Но, оставивме позитивен впечаток, ми се допаѓа што јавноста е позитивна, но од друга страна тоа не сакам да ги заспие репрезентативците, туку да бидеме уште подобри и да си дадеме како задача да бидеме подобри како колектив во вториот меч против Црна Гора – вели Лазаров.

И двете репрезентации во првото коло имаа проблеми поради коронавирусот, Лазаров не можеше да смета на четворица репрезентативци кои беа позитивни на ковид-19, додека Црногорците имаат поголеми проблеми. Но, вечерва и во двете селекции има нови имиња, Никола Митревски имаше два негативни тестови на ковид-19 и доби дозвола од ЕХФ да настапи по што заедно со одличниот Мартин Томовски ќе ја сочинуваат голманската двојка, додека кај Црна Гора се враќа Стефан Чавор.

Но, селекторот Зоран Рогановиќ вечерва нема да ја предводи Црна Гора бидејќи по пристигнувањето во Дебрецин повторно има позитивен тест. Репрезентацијата од клупата ќе ја предводи спортскиот директор Драшко Мрваљевиќ кој и во првото коло против Данска ги предводеше Црногорците.

Последниот натпревар помеѓу Македонија и Црна Гора се играше пред четири години на ЕП 2018 и тогаш „црвено-жолтите“ славеа со 28:27.

Екс членот на Вардар, Шеваљевиќ: Одиме на победа против Македонија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот