Новинари илустрација/ Фото: Mihajlo Maricic / Panthermedia / Profimedia

Радио Слободна Европа ќе згасне и во Бугарија

Радио Слободна Европа во Бугарија ќе престане со работа на 31 март поради недостиг на финансии од САД, открија вработени, откако слична одлука беше објавена и за Романија.

Американскиот претседател Доналд Трамп лани го замрзна финансирањето за Радио Слободна Европа, заедно со финансирањето на други американски меѓународни медиуми, како дел од неговата кампања за намалување на државните трошоци, пренесува БГНЕС.

„Тимот на Радио Слободна Европа во Бугарија активно работи на решение кое ќе ни овозможи да продолжиме да ѝ служиме на нашата публика“, изјави еден од изворите, кој побарал анонимност додека не се направи официјална објава.

Редакцијата на Радио Слободна Европа (Europa Liberă) од Романија, исто така објави дека ќе престане со работа на 31 март.

„Ова секако е лоша вест. И не само за мене и моите колеги“, напиша неговата директорка Елена Визулие Танасе на Фејсбук претходно овој месец, пренесе АФП.

Радио Слободна Европа згаснува во Романија, новинарите на технички одмор

Организацијата за заштита на медиумските слободи „Репортери без граници“ соопшти дека жали за затворањето, кое „ќе има негативно влијание врз правото на граѓаните на веродостојни информации“, особено во Бугарија, „каде независните медиуми се ретки“.

Редакцискиот тим на Радио Слободна Европа во Бугарија брои околу 15 новинари, а неговите видео-содржини често собираат десетици илјади прегледи на социјалните мрежи.

Во ноември, унгарската редакција на Радио Слободна Европа објави дека престанува со работа по наредба на Американската агенција за глобални медиуми.

Администрацијата на Трамп тогаш соопшти дека ќе го затвори РСЕ на барање на унгарскиот премиер Виктор Орбан, за време на неговата посета на Вашингтон.

Вашингтон го затвора унгарскиот новински сервис на Радио Слободна Европа

Бугарија и Романија беа меѓу првите земји опфатени од Радио Слободна Европа/Радио Слобода кога беше основано во 1950 година.

За време на Студената војна, радиостаницата, која делумно беше финансирана од ЦИА до почетокот на 1970-тите години, одигра клучна улога во ширењето информации зад Железната завеса, и покрај обидите на комунистичките власти да го попречуваат сигналот и да ги вознемируваат новинарите, пренесува БГНЕС.

Програмите на бугарски јазик беа укинати во 2004 година, а на романски во 2008 година, пред повторно да бидат обновени во двете земји во 2019 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот