Фото: Pixabay

Радио Слободна Европа згаснува во Романија, новинарите на технички одмор

Редакцијата на Радио Слободна Европа (Europa Liberă) ќе престане со работа во Романија на 31 март, по осум години делување, откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во март минатата година го суспендираше неговото финансирање, објави денес романскиот портал Pagina de Media.

Europa Liberă, редакција со околу 20 вработени, се смета за наследник на Радио Слободна Европа, кое во Романија беше достапно за време на комунистичкиот период и до 2008 година, по влезот на земјата во Европската Унија, а во таа земја повторно се врати во 2018 година.

Романското издание на Радио Слободна Европа низ годините објави низа истражувачки текстови, а во октомври 2025 година беше меѓу најцитираните медиуми во земјата, истакнува романскиот портал HotNews. Американскиот претседател Доналд Трамп на 16 март 2025 година потпиша извршна уредба за намалување на трошоците на Агенцијата на САД за глобални медиуми (USAGM), со што беше опфатен и РСЕ/РЛ.

Неколку дена подоцна, властите на Чешка, каде што се наоѓа седиштето на Радио Слободна Европа, ги повикаа земјите членки на Европската унија финансиски да ѝ помогнат на таа медиумска мрежа.

Министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, тогаш предупреди дека „замолчувањето на Радио Слободна Европа и Гласот на Америка би претставувало загуба не само за луѓето кои не живеат во слобода, туку и за сите кои веруваат во демократијата“.

Европската Унија во мај 2025 година најави дека ќе издвојат 5,5 милиони евра за да помогнат продолжување на работата на Радио Слободна Европа.

Сепак, според пишувањето на порталот HotNews, средствата одобрени од американскиот Конгрес не биле целосно исплатени, што довело до мерки за штедење и испраќање новинари во повеќе земји на таканаречен технички одмор.

Радио Слободна Европа во моментов има редакции во 22 земји од Источна Европа, Централна Азија, Кавказот и Блискиот Исток, произведувајќи содржини на повеќе од 25 јазици, наменети за средини во кои медиумите се ограничени или изложени на политички притисоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот