Првиот македонски гејмерски филм, „Уште една игра“, се прикажува во кино
Во киното „Синеплекс“ од 12 март премиерно се прикажува првиот македонски гејмерски филм со наслов „Уште една игра“, кој е реализиран како американско-македонска продукција по сценарио и режија на Ник Јансен, а македонски продуцент е Никола Китановски.
Препорачано
Приказната во филмот „Уште една игра“ (One more game) ја следи опсесијата на Мартин, 16-годишник од скопското село Чучер-Сандево, кој има желба да стане ѕвезда како професионален гејмер – стремеж што се коси со желбите на неговата мајка за негово традиционално образование. Кога неговиот најблизок пријател, Димитар, добива можност да оди на проба за најдобриот европски еСпорт тим „Династи“ (Dynasty), Мартин со нетрпение ја прифаќа шансата да остави свој белег.
Главната улога во филмот ја игра младиот Петар Маниќ, кој претходно е познат по улогата во филмот „Стела“ (2020) на режисерот Стојан Вујичиќ, а од минатата година Маниќ е на студии на Факултетот за драмски уметности во Белград. Во филмот „Уште една игра“ ликот Мартин е воден од безмилосна опсесија кон гејмингот, а притоа ја запоставува сопствената мајка и го нарушува пријателството со најдобриот другар Димитар, кој го игра Ведран Чешарек.
Една од водечките улоги во филмот ја има познатиот македонски актер Тони Михајловски, кој е менаџер на еСпорт тимот „Династи“. Во филмот играат и Александра Пешевска, како мајката на Мартин, Зефанаја Тери, Марјан Наумов и Гоце Андонов како членови на тимот, како и повеќе млади актерки и актери.

Режисерот Ник Јансен и продуцентот Никола Китановски се сретнале при работа на проекти во американската индустрија за снимање реклами. Двајцата се поранешни гејмери и така се појавила идејата за соработка на филмот „Уште една игра“.
Режисерот Јансен е од Холандија и претходно работел како кинематографер кој почнал со документарни, а подоцна работел и на играни филмови. Со Китановски сакале да снимат приказна која ќе ја прикаже нивната пасија кон гејмингот, но и ќе го привлече вниманието на сѐ поголемата гејмерска популација не само кај нас, туку и во светот. Филмот комплетно е снимен како независна продукција без поддршка од филмските фондови, а реализацијата траела околу пет години. Музиката за филмот е на Кирил Џајковски.
Иако е реализиран со искуства од американските продукции, филмот нема холивудски крај, што му дава дополнителна вредност покрај добрата приказна, прецизно фокусираната камера, солидната глума и одличната музика. Филмот е вистински предизвик за гејмерската заедница да се поистовети со главните ликови. Станува збор за солидно филмско парче што треба да се види во „Синеплекс“.


