Првата фудбалска лига во наредните две години на Арена Спорт и на МТВ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини минатата недела во Белград одржа состанок со претставници на ТВ Арена Спорт во врска со телевизиските права за натпреварите од Прва МФЛ.

По разговорите во седиштето на ТВ Арена Спорт, раководството на регионалниот спортски канал, ТВ Арена Спорт, достави понуда до ФФМ за телевизиските права за натпреварите од Првата Македонска фудбалска лига во чија рамка влегуваат два директни преноси од секое коло (сабота и недела), правата за натпреварите од Купот на Македонија и ексклузивно право за емитување на натпреварите на териториите каде што се емитува ТВ каналот, Арена Спорт.

Раководството на ФФМ ја претстави понудата пред претставниците на клубовите од Првата лига и заеднички се согласија ТВ правата да бидат отстапени на водечкиот регионален спортски канал, ТВ Арена Спорт во наредните две сезони. Финансиската понуда, исто така, им беше презентирана на претставниците на клубовите и донесоа одлука со средствата добиени од продажба на ТВ права да се покријат трошоците кои клубовите од Првата лига ги плаќаа во име на котизација за настап.

– По успешните преговори, задоволство е да објавиме дека постигнавме договор околу телевизиските права за натпреварите од 1 МФЛ. Добивме понуда и правата ги отстапуваме на Арена Спорт. Со ова праќаме широка порака. Ова е порака дека фудбалот го враќаме на телевизија низ директни преноси, свесни за важноста на нашата соработка со Арена Спорт како водечки регионален спортски канал и МТВ како Национален сервис. Од друга страна, ова е голема можност и за клубовите, не само поради тоа што сега се ослободени од плаќање котизација за настап во домашниот шампионат, туку многу повеќе, заради вниманието кое ќе го добијат и можноста за своја промоција во секоја смисла. Со емитувањето на регионален канал се зголемува и одговорноста кај нив, но и кај судиите и сите други чинители. Наша задача е да го чуваме имиџот и вредностите на нашиот фубал и да работиме да биде уште поуспешен и попопулареен. ФФМ останува сервис на клубовите за подобрување на имиџот и што е можно подобра презентација на домашната лига. Само заеднички можеме да му покажеме на регионот дека и во нашата држава има силни екипи, добри фудбалери и квалитетен фудбал, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Во проектот за телевизиските права од Првата лига ќе биде вклучен и национален сервис, МТВ. Двата натпревари од секое коло (сабота и недела) ќе се емитуваат и на МТВ која телевизиски ја покрива територијата на нашата држава со директни преноси и коментар на македонски јазик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот