Протест на жители од кумановските села заради уништување на свињите

Протест на жители од кумановските Љубодраг, Умин Дол и Ново Село заради уништување на свињите /Фото: МИА

Жители на кумановските села Љубодраг, Умин дол и Ново село, денеска со земјоделска механизација два часа го блокираа стариот пат (регионален) Куманово-Скопје и протестираа, поради како што велат, неосновано уништување на свињите во овој регион.

Според нив, се уништуваат и здрави свињи, иако, како што изјавија за медиумите, африканска чума е регистрирана во една фарма во Љубодраг.

Жителите бараат средба со претставници на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и со Агенцијата за храна и ветеринарство, за да им објаснат зошто се уништува фондот од над 300 свињи.

Најавуваат порадикални мерки и целосна блокада на стариот пат за Скопје, доколку надлежните не одговорат на нивните барања.

Од АХВ велат дека неосновани се шпекулациите оти Агенцијата во овие населени места во Кумановско утре ќе врши евтаназија на сите свињи во одгледувалиштата.

Претседателот на месната заедница од селото, Бобан Лазиќ пак вели дека не знаат кога ќе бидат обештетени и ниту една институција не доставила решение до одгледувачите.

– Се собравме тука да изразиме револт против одлуката на Агенцијата за храна и ветеринарство за уништување на нашите свињи. Пред еден месец ги проверија нашите свињи, само кај едно одгледувалиште беше регистрирана африканска чума, а сега велат дека мора сите свињи да ги уништат во село Љубодраг. Никој нè не информира како ќе бидеме обештетени, немаме ниту решение добиено и бараме од надлежните да дојдат и да разговараме да ни објаснат зошто сакаат да ни ги уништат свињите, вели Лазиќ.

Зора Михајловска, жителка на Љубодраг кажа дека не сакала да потпише документ во кој било наведено дека свињите се позитивни, бидејќи вели не добила такви резултати.

Љубиша Митровски, жител на соседното Умин Дол, вели дека кај нив нема регистрирано африканска чума, но дека тоа не им дава гаранции дека за некој ден Агенцијата за храна и ветеринарство нема да издаде наредба да ги уништат и нивните свињи. Жителите велат дека намерно се уништуваат свињите, за да се увезува, како што велат, замрзнато месо од други земји.

Од сточарско ветеринарниот центар „Тодор Велков” Куманово велат дека само се извршители на ветеринарните работи на подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.

– По констатирање на свинската болеста африканска чума издадено е решение од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и ние како вршители ја извршуваме работата. Ние не носиме одлуки, туку ги извршуваме одлуките за кои сме задолжени од АХВ. Првиот интерес е да се зачува здравјето на луѓето и можноста да не се прошири болеста во пошироки региони. За сето тоа одлуки носи соодветното тело во Агенцијата за храна и ветеринарство, и ние тука само постапуваме по таа одлука. Донесени се решенија, но не од ветеринарно сточарски центар, туку од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ние по тие решенија треба да постапиме во согласност со луѓето кои имаат животни во тоа село, вели директорот на ветеринарно сточарски центар Куманово, Зоран Пешевски.

Од центарот појаснуваат дека работата по наредба на АХВ во соработка со професори од ветеринарниот факултет.

-По потврдувањето на позитивен случај во село Љубодраг каде се преземени потребните мерки и жариштето е сузбиено, врз основа на донесеното Решение за преземање на заштитни контролни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите, евтаназија на свињите со нивно нештетно отстранување ќе се спроведе само во населеното место Љубодраг, кое е во заштитната зона од три километри. Одгледувалиштата кои имаат имплементирано високи биосигурносни мерки имаат можност свињите економски да ги искористат со колење во кланица со која АХВ има склучено договор. Во зоните под надзор (10 километри) каде спаѓаат и населените места Умин Дол и Ново Село, засега не се спроведуваат активности, но во наредниот период и таму ќе се спроведат одредени мерки со можност за економско искористување на свињите, велат од АХВ.

Болеста африканска чума кај свињите во кумановскиот регион досега е потврдена во населените места Долно Коњаре, Куманово, село Арбанашко и Љубодраг и кај угинати свињи кои беа најдени на депонија во близина на село Никуштак Липковско.

Од АХВ посочуваат дека и во Кумановско продолжува спроведувањето и на контролните и заштитните мерки дефинирани со донесените решенија за спроведување на контролни и заштитни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите, како што се вонреден попис на одгледувалиштата, идентификација на свињите, спроведување на клинички прегледи и земање на мостри за лабораториско испитување. Според последните податоци, со мерката за депопулација досега се опфатени вкупно 3.500 свињи. Од нив 3.344 се евтаназирани, а 156 се испратени на колење за економско искористување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот