Франција избори/ Фото Magali Cohen / AFP / Profimedia

Пропаст на умерените левичари и проблеми за партиите од центарот: Кои се последиците од првиот круг на претседателските избори во Франција?

Емануел Макрон победи во првиот круг од претседателските избори во Франција и во вториот круг ќе се соочи со кандидатката на десницата Марин Ле Пен.

„Не се залажувајте, ништо не е решено“, им порача актуелниот претседател на своите приврзаници.

Можеби Макрон освои повеќе гласови во првиот круг, но анкетите покажуваат дека вториот круг ќе биде многу повозбудлив и понеизвесен до самиот крај.

Ле Пен од своја страна ги повика сите гласачи кои не се за Макрон да гласаат за неа за „да се врати редот во Франција“.

Врз основа на 97 отсто од преброените гласови, Макрон има 27,6 отсто, а Ле Пен 23,41 отсто од гласовите.

Кој за кого гласа?

Изборната кампања, реално, започна пред само две недели, прво поради пандемијата на ковид, а потоа и поради ситуацијата во Украина, но излезноста која изнесуваше околу 75 отсто не беше толку лоша како што се стравуваше, коментираат француските медиуми.

Анкетите укажуваат дека секој четврт млад гласач гласал за претседателот, но и дека Макрон најмногу го поддржале лица на возраст од 65 години. Марин Ле Пен најголема поддршка добила од гласачите на возраст од 25 до 64 години.

Сива еминенција

Третопласираниот со 21,95 отсто, левичарот Жан-Лук Меланшон помина подобро од пред пет години и сега ќе игра важна улога во изборот на претседател.

„Не смеете да и дадете никаков глас на Марин Ле Пен“, им порача тој на своите поддржувачи, но, за разлика од другите кандидати, тој не го поддржа Макрон.

Со повеќе од една петтина од гласачкото тело, неговите гласачи би можеле да бидат одлучувачки при изборот на претседател на Франција, иако аналитичарите не ја исклучуваат можноста многумина од гласачкото тело на Меланшон да не излезат на гласање во вториот круг.

Последици

Во трката за претседател на Франција беа 12 кандидати, но само овие тројца надминаа 10 проценти. Се чини дека многу гласачи се воделе од идејата за „корисно“ гласање, избирајќи кандидати врз основа на тоа дали можат да бидат во вториот круг од изборите.

Она што ќе ги одбележи овие претседателски избори е неуспехот на двете партии кои владееја со Франција – републиканците и социјалистите, кои целосно потонаа оваа година, при што Ана Идалго собра помалку од 2 отсто од гласовите, додека Валери Пекрес освои помалку од 5 отсто.

Веднаш почна кампањата за вториот круг, а аналитичарите веќе ги бројат „безбедните“ гласови. Марин Ле Пен може да смета на гласачите на ултрадесничарот Ерик Земур и на националистот Николас Дипон-Енжан, што би можело да се покаже како импресивни 33 отсто од гласовите на целото гласачко тело.

Тимот на Макрон веќе планира големи собири и гостувања на ТВ, а смета и на поддршката од левичарските кандидати. Се очекува тој да ја критикува Ле Пен за нејзините блиски врски со Кремљ. Иако ја осуди војната во Украина, Ле Пен го посети Владимир Путин пред изборите во 2017 година, а нејзината партија доби заем од Русија. За разлика од неа, Макрон вели дека сака сојузи со големи демократии .

Анкетата на Ифоп покажа дека овие избори ќе бидат многу „тесни“ со 51-49 отсто од гласовите во корист на Макрон, додека Ипсос има нешто поголем јаз од 52-48 отсто за актуелниот претседател.

Промена на сликата

Обраќајќи им се на своите поддржувачи, Макрон рече дека со екстремната десница, која толку многу е затапена низ целата држава , „никој не може да каже дека работите одат добро“. Од друга страна, Ле Пен оцени дека е време за „голема промена на власта“ и дека на 24 април граѓаните ќе избираат меѓу „поделба и неред или единство на францускиот народ собран околу загарантирана социјална правда“.

Додека Макрон беше преокупиран со војната во Украина, Марин Ле Пен ја фокусираше својата кампања на високата инфлација и трошоците кои ја загрозуваат Европа, ветувајќи намалување на даноците. Овојпат таа многу помалку се фокусираше на национализмот, иако изјави дека сака референдум со кој ќе се ограничи имиграцијата, радикални промени во ЕУ и забрана за носење хиџаб во јавноста.

Аналитичарите оценуваат дека „пеглањето“ на имиџот на Ле Пен излезе доста успешно бидејќи таа на гласачите им се преставила како помалку опасна од новодојдениот екстремен десичар Земур, што и помогнало да привлече поголема подршка кај антилевичарите.

Педесет и тригодишната Ле Пен која пет години е пратеник во парламентот, успеа да направи дистанца од нејзината насмеана јавна личност (позирајќи со мачки или млади за селфи) и радикалната реалност на нејзиниот десничарски, антиимиграциски манифест дека Франција треба да биде за Французите.

Според Гардијан, таа ветила референдум за промена на Уставот со цел да се ограничат правата на имигрантите и странците. Ле Пен планира да им даде приоритет на родените Французи за домување, бенефиции и здравствена заштита, како и да ги укине правата за државјанство на децата на странците кои се родени и израснати во Франција.

Нејзиниот успех во вториот круг не е само резултат на нејзината долгогодишна желба да го „дезинфицира“ имиџот на нејзината партија и да ја оддалечи од антисемитската слика од минатото. Фактот дека Ле Пен сега е поблиску до власт од кога било досега, е делумно резултат на нејзиното сопствено преиспитување на политичката стратегија.

Нејзината анализа за петте години на власт на Макрон ѝ покажа дека претседателот е поларизирачка фигура која ја дели земјата и која не е во контакт со обичниот свет. За разлика од претходните кампањи кога се обидуваше да го искористи гневот на јавноста, таа сега се сврте кон гласачите желни за мир и исцрпени од демонстрациите на таканаречените жолти елеци. Таа го претстави Макрон како некој што го дели народот, а себе како личност која ги обединува.

Наместо на големи собири, таа одеше да се дружи со обичниот свет по пазарите, во малите градови и села. Наместо да ја форсира својата антиимиграциска политика, таа се фокусираше на трошоците за живот и стравот од војна во Украина. Својата животна приказна ја искористи да зборува за тоа што преживеала со обидот за убиство на нејзиниот татко, јавниот развод на нејзините родители и сликата на нејзината мајка за Плејбој за дополнително да предизвика емпатија кај Французите.

За да победи, Ле Пен мора до крајот да ги убеди Французите дека во неа нема злоба ниту пак гнев, а анкетите покажуваат дека можеби ќе успее да го направи тоа.

Француските медиуми предупредуваат дека успехот на Ле Пен и убедливата победа на Виктор Орбан во Унгарија треба сериозно да ги алармираат европските партии од центарот.

Подемот на десницата

Орбан, Ле Пен и Полската партија на правда работат на „зајакнување“ на национализмот и непочитување на меѓународното право со цел да создадат непријателска клима за мигрантите. Сите тие веруваат дека изборниот систем може да се манипулира во нивна корист, никој од нив не им верува на медиумите, сите сакаат да ја ограничат работата на неистомислениците и да промовираат традиционални ставови за сексуалноста и семејството.

И покрај тоа, нивната улога во Европа се засилува на сметка на мејнстрим центарот и либералната левица, велат француските аналитичари.

Според нив, последиците од глобализацијата врз економската и социјалната структура на напредните економии, намалената куповна моќ на средната класа, растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, се една од главните причини за подемот на десницата.

Желни да го истурат тој гнев, граѓаните се обраќаат кон оние кои им се претставуваат како издувен вентил. Во Франција, поточно, Марин Ле Пен е таа која и покрај промената на имиџот, како што напиша еден од колумнисттите на британскиот Обсервер, сепак останува „токсична“. Таа се уште верува дека Франција е „загрозена однадвор“. Иако нејзината економска програма е нереална и ќе ја подели Франција, ќе ги ослободи расистичките демони и ќе ја шокира ЕУ, гласачите се за тоа, загрижени за стапката на насилство и имиграција, сиромаштијата и раздвојувањето на Макрон од потребите на обичниот човек.

Војната во Украина влијаеше и на европската политика, обединувајќи ја во борбата против национализмот, репресијата и незаконитоста. Но војната во Украина влијаеше и на изборите во Унгарија, Србија, а сега и на првиот круг од изборите во Франција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот