Пропаднаа преговорите за нова коалициска влада на Данска
Пропадна обидот на данската премиерка Мете Фредериксен да формира нова владина коалиција, откако клучниот партнер ги напушти преговорите, доведувајќи ја во прашање нејзината амбиција да обезбеди трет последователен мандат по мартовските избори, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Преговорите за централно-левичарска коалиција на премиерката во последните недели западнаа во ќор-сокак, што го забави носењето владини одлуки, во ситуцијата кога треба да се решава кризата во односите со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп околу Гренланд.
Трамп со едната нога гази надвор од НАТО, а со едното око сѐ уште гледа кон Гренланд
Данскиот крал Фредерик Десетти сега мора да ја довери задачата за разгледување на можностите за формирање влада на еден од другите 11 партиски лидери. Тој може повторно да ја назначи Фредериксен, веднаш или подоцна, за втор обид за формирање кабинет, пишува Ројтерс.
„Кралот ќе се сретне со Фредериксен во 15:30 часот по Гринич во петок“, соопшти денес палатата во кратко соопштение.
Лидерот на Умерената партија, Ларс Локе Расмунсен денеска ги прекина разговорите со Фредериксен и предложи задачата за водење на преговорите да му биде доверена на Троелс Лунд Поулсен од Либералната партија, кој би можел да се обиде да формира централно-десничарска влада.
Социјалдемократите на Фредериксен, кои се на власт од 2019 година, освоија 38 места во парламентот со 179 пратеници, што е пад од 50 места во 2022 година и нивен најлош изборен резултат од 1903 година.


