Цигари,тутун,пушење - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Производителите на цигари реагираат: Нацрт-законот за пушење е по словенечки модел и не е применлив кај нас

Словенечкиот модел, според кој е изработен нацрт-законот за заштита од пушење, не е применлив во македонските услови, реагира Групацијата за производство на цигари при Здружението на производители на тутун и производи од тутун во рамките на Стопанската комора на Македонија.

Од Групацијата наведуваат дека предложеното законско решение создава правна неусогласеност со постојната регулатива, особено со Законот за тутун, тутунски и сродни производи, и дека претставува чекор назад во веќе воспоставената регулаторна рамка. Како спорно го посочуваат изедначувањето на цигарите и алтернативните тутунски производи, кои, како што велат, веќе се јасно и одделно дефинирани во важечкото законодавство.

МЗ: Предлог-законот за заштита од пушење е заштита на правото на здраво работно место, а не удар по угостителството

Според нив, иако двете земји се кандидати за членство во Европската унија, Македонија има поинаква економска и пазарна структура, при што тутунот претставува стратешка земјоделска култура со значаен удел во буџетските приходи, извозот и вработеноста. Во земјава, како што посочуваат, активно работат две фабрики за производство на тутунски производи кои вработуваат неколку стотини граѓани.

Групацијата предупредува дека предложените забрани ќе имаат сериозно негативно влијание врз малите и средните претпријатија, угостителскиот и малопродажниот сектор, при што може да бидат загрозени над 4.000 малопродажни места, претежно мали и семејни бизниси. Дополнително, се очекува и поттикнување на нелегалната трговија со тутунски производи, што би резултирало со намалени приходи во државниот буџет.

„Двајца без тројца“ инспектори ќе треба да го спроведат Законот против пушењето

Како дополнителен проблем се наведува и недоволната прецизност во дефинирањето на мерките и нивната примена во пракса, што, според Групацијата, може да доведе до правна несигурност и различни толкувања од страна на инспекциските служби.

Од Групацијата апелираат законот да биде темелно доработен преку сеопфатни консултации со сите засегнати страни, со разумен транзициски период, со цел да се обезбеди заштита на јавното здравје без сериозни економски последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот