„Двајца без тројца“ инспектори ќе треба да го спроведат Законот против пушењето

Пазарни, здравствени, трудови  и просветни инспектори се главните надлежни на терен да ги контролираат прекршителите кои пушат цигари на недозволени места. Ова го пишува во новиот предложен Закон за заштита од пушењето. Но, ова не е некоја голема промена, затоа што истите инспектори се задолжени да го „детектираат“ тутунскиот чад на забранети места и со важечкиот закон што е на сила и функционира како „слово на хартија“, односно ретко се почитува. Вистинскиот проблем е што кога сите овие инспектори  ќе се соберат, заедно не се повеќе од 390, а Законот за заштита од пушење не е единствената, туку една од многуте обврски што им се дадени. 

Иако Министерството за здравство се фали дека предложило европски закон против пушењето, бројот на инспектори што ќе треба да го спроведат не е европски. Згора на тоа, Министерството за здравство во извештајот за проценка на влијанието на овој закон напишало дека „не се очекуваат дополнителни фискални импликации за неговото спроведување во рамките на постојните институционални капацитети“. Ова не е логично, зашто со мал број инспектори, потребно е вработување нови, а за тоа се потребни пари. Се поставува прашањето – дали инспекциите со ваков капацитет ќе можат ефикасно да го контролираат спроведувањето на Законот за пушење на недозволени места. Без исклучок, на секоја од споменатите инспекциски служби ѝ се потребни вработувања, возила и пари, но најавите за реализација на овие реални потреби се штури.

„Слободен печат“ се обрати во Трудовиот инспекторат, во Државниот здравствен и санитарен инспекторат, во Пазарната инспекција и во Просветниот инспекторат со прашања колку инспектори работат во секој од нив, колку од нив се вработени и надлежни во секој град одделно и дали во 2026 година се одобрени нови вработувања за инспектори со обезбедени согласности и пари од Министерството за финансии. Од два од инспекторатите не добивме конкретни одговори за евентуални нови вработувања годинава, а во другите два ни рекоа дека ќе се вработат само по 20 нови инспектори во секој.

Министерството за економија се согласува дека капацитетите се недоволни.

-Во моментов Државниот инспекторат за труд располага со 180 вработени, а Државниот пазарен инспекторат има приближно 120 инспектори за покривање на целата територија на државата. Овие бројки јасно укажуваат дека постојните човечки ресурси не се доволни за целосно и навремено спроведување на сите законски надлежности – велат од Министерството за економија за „Слободен печат“, под чија надлежност се овие два инспекторати.

Оттаму додаваат дека ќе вработат вкупно 40 инспектори во двата инспекторати кои по приемот ќе треба да поминат соодветна специјализирана обука.

Надзорната улога на инспекциските служби е стратешка цел и е дел од реформската агенда на ЕУ, со фокус на тоа да се зголеми бројот на инспектори и тие да ги унапредат капацитетите, со цел да бидат обучени за поефикасно да вршат надзор и да обезбедуваат фер и законско функциоинрање на пазарот на работните односи.

Освен што се малку, на инспекторите Законот за пушење не им е единствената работа, имаат обврски „преку глава“. На пример, во Државниот здравствен и санитарен инспекторат има само 39 инспектори кои се, всушност, доктори, и вршат инспекција како се спроведуваат законите за епидемиолошката и здравствената заштита на населението, за здравственото осигурување и за евиденциите во областа на здравството. Инспекцискиот надзор ги опфаќа просторот, објектите, просториите, уредите и опремата, дејностите и лицата кои вршат здравствена дејност, како и лицата кои на кој било начин можат штетно да влијаат врз здравјето на луѓето. А сега овие 39 лица ќе треба да бараат и пушачи во болниците.

Во Министерството за здравство прашавме дали има план да се вработат нови инспектори во 2026 година во ДСЗИ и дали има пари во буџетот за таа цел. Добивме одговор дека во тек е постапка за вработување на еден инспектор, така што наскоро ДСЗИ ќе има 40 инспектори, премалку со оглед на тоа колку многу субјекти имаат за надзор. Ситуацијата во ДСЗИ е толку алармантна во поглед на кадар, што цела 2025 година немаше кој да ги „закачи“ извештаите за сработеното на веб-страницата на инспекцијата, што во минатото транспарентно се правеше.

Во предложеното законско решение за заштита од пушењето надлежност му се дава и на Државниот просветен инспекторат.

Државниот просветен инспекторат врши инспекциски надзор во објекти каде што се изведува основно, средно и високо образование, научни институции, студентски домови, јавни и приватни воспитно-образовни установи и згрижувачки установи и игротеки, пишува во решението. Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека моментално имаат 48 инспектори.

-Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат го разгледуваат предлог-законот за пушење и ќе се произнесеме многу скоро во врска со содржината. Доколку од законот кој ќе биде усвоен произлезат обврски за просветните инспектори, секако тие ќе постапуваат, вршејќи надзори во образовните и научните установи. Во моментов, во Државниот просветен инспекторат има 48 инспектори и, во зависност од потребите, во иднина би можеле да побараме согласности за вработување дополнителен кадар – велат од Министерството за образование за „Слободен печат“. 

Покрај инспекторите, во предложеното законско решение инспекцискиот надзор против пушењето предвидено е да го вршат и МВР и Управата за извршување санкции, како и Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, но секоја од овие институции ќе може да постапува во рамките на своите надлежности. МВР ќе треба да си ги контролира полициските станици кои мошне чести се вистински „пушални“, потоа затворените и отворените простори каде се одржуваат спортски натпревари, културни и забавни настани, собири и јавни настани, како и приватните автомобили кога во нив има едно или повеќе малолетни лица. Управата за извршување санкции ќе треба да ги контролира затворите.

Порестриктивниот закон Министерството за здравство го правда со големиот број пушачи во Македонија, заштитата на децата и младите и унапредувањето на јавното здравје. Од 2016 до 2021 година, од 16 пријавени пушачи во Центарот за јавно здравје Скопје кои посетувале програма за откажување, успешно се откажале двајца.

Никој да не биде „колатерална штета“ на пушачите, бара Институтот за медицина на трудот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот