Професор на Универзитетот во Тетово со просек 6,7 се стекнал со звање доцент, реагираат од Форумот за образовни промени

Фото: МИА

Форумот за образовни промени реагира дека професор од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Тетово со минимален просек од 6,7 се стекнал со звање доцент. Извршниот директор на Форумот за образовни промени Бленди Ходаи, во изјава за медиумите пред Министерството за образование и наука, рече дека во април годинава до нив пристигнала информација дека Агрон Алили кој предава на Природно-математичкиот факултет при Тетовскиот универзитет бил унапреден во доцент спротивно на законот.

-Во јули по претходно поднесена претставка од наша страна до Државниот просветен инспекторат беше потврдено дека бил незаконски унапреден со минимален просек од 6,7 и со немање звање од соодветна научна област, рече Ходаи.

Според Ходаи, оформениот предмет за професорот веќе шест месеци се наоѓа во Министерството за образование и наука и се чека на постапување од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, согласно Законот за високо образование, но до денес не е преземено ништо.

— Не веруваме во случајности, посочениот незаконски избран доцент по унапредувањето донирал 180.000 денари во Демократската унија за интеграција. Во Форумот за образовни промени не знаеме колку може да чини унапредувањето на академски звања со пречекорувањето на законот. Но, едно е сигурно дека не може да се плати високата цена на деградација на образованието во државата, рече Ходаи, повикувајќи ги надлежните институции да преземат мерки за санкционирање на прикривањето на предметот.

Јетон Шаќири – министер за образование / Фото: „Слободен печат“ / Методи Здравев

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претходно, одговарајќи на новинарско прашање, ги повика Просветниот инспекторат и комисиите, но и ако има надлежност и Министерството, Секторот за високо образование, веднаш да ги преземат сите мерки за да се поништи кое било звање што не ги почитува одредбите на Законот за високо образование.

Тој беше прашан за коментар на најавената прес-конференција на Форумот за образовни промени пред МОН и „тврдењата дека не е спречено незаконско унапредување на професор во доцент кој е донатор на ДУИ“.

-За ова јас разговарав со Форумот и со Државниот универзитет. Не го знам името на професорот но имам побарано секое звање, без разлика на кој било и да е, го побарав од Форумот и Универзитетот, ако е постапено незаконски … Со Законот за високо образование МОН не е вклучен во процесот на одобрување повисоко или пониско звање на кој било кадар во универзитетите, за тоа одлучуваат матичните комисии и комисиите на факултетите, изјави министерот за образование и наука, пред учеството на настанот за заокружување на твининг проект за Националната рамка за квалификации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот