Професор Калајџиев: Ако е празен буџетот, да ви дадам заем
Кога станува збор за случаи ослободени од плаќање данок на доход, ако УЈП сепак издала решение за наплата, правниот лек е водење постапка. Но, дури и правните експерти се сложуваат дека таа е „ужасно долга, а не ја суспедира обврската за плаќање“. Граѓаните деновиве се соочија со инвазија на даночни решенија
Професорот по кривично право Гордан Калајџиев, на социјалните мрежи објави дека добил две решенија за оданочување на дневници и патни трошоци од 2020 година.
Препорачано
„Деновиве добив не едно, туку две решенија за оданочување на дневници и патни трошоци како „доход“ за далечната 2020 год. Ако е празен буџетот да ви дадам на заем?!“, напиша тој.
Тој објаснува дека државата го пратила како експерт во меѓународна организација за што работел про боно, а сега му наплаќа 10 проценти од трошоците што Советот на Европа му ги вратил за патните трошоци. Поточно, како што објаснува во коментарите, тој не добил дневница, туку покритие за направените трошоци како што се храна и превоз. Тоа е и неговиот одговор на коментирате под неговиот пост на фејсбук-профилот дека тој како професор треба да знае дека дневниците подлежат на данок на личен приход.
Адвокатот Златко Антевски вели дека согласно член 12, став 1, точка 18 од Законот за Данок на личен доход за надоместоци за трошоци за службени патувања општо, како и за целта за кои тие се исплатени, односно ако се исплаќаат како на правен академски експерт, а не како на самостоен вршител на дејност, ангажиран од меѓународна организација, не се плаќа данок од личен доход,
Во ваков случај, советува Антевски, Калајџиев има право на правен лек.
Професорот Тони Дескоски вели дека „концепциски, излезот е преку терање на постапка и управен спор. И тоа ќе трае ужасно долго, а не ја суспендира обврската за плаќање“.
Кога ваква дискусија се разви меѓу врвни правни експерти, прашање е како ќе се справи народот со инвазијата на даночни решенија?
УЈП почна со голема акција за наплата на даноци. Бидејќи нивната наплата застарува во рок од 5 години, извади бројни налози за периодот од 2020 година. Но, она што ги револтираше граѓаните е што досега, како што тврдат, не биле информирани за даночен долг, а многумина тврдат и дека не постои правен основ за наплата на данок. Најголеми реакции имаше кај решенијата за данок на доход остварен во странство, каде граѓани тврдат дека веќе платиле данок во земјата каде што ги заработиле парите и се повикуваат на склучени билатерални договори на нашата земја за избегнување на двојно оданочување. Според кажувањата, УЈП им бара потврда, но во неразумен рок и тие прашуваат како за толку кус период да обезбедат таква потврда од некоја странска држава.
Пред Нова година имаше и протест во Куманово, затоа што таму има голем број луѓе кои работеле во Авганистан и во Ирак преку американски компании.
– Не сме против даноци, но не може УЈП да нè известува во период кога американски компании слават Божиќ и во период кога ние славиме празници. Станува збор за поголема група луѓе од 3.000 до 4.000 луѓе. Сигурни сме дека американските компании, за кои работевме, кои се исклучително респектабилни и кои остваруваат огромни приходи, дека платиле данок во матичната земја, овде станува збор за двојно оданочување – беше кажано на протестот.
На предновогодишниот брифинг со новинарите, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача: „Знаете што значи да не се плаќа данок!?“. Таа, појасни дека во овие случаи правото за наплата застарува по 5 години, но се огради зошто тоа сега одеднаш го прави УЈП, а не реагирала во изминативе 5 години за направените долгови.
– Тие одговори побарајте ги во УЈП – рече Гордана Димитриеска-Кочоска, иако и оваа институција е под капата на Министерството.
Директорката на УЈП Елена Петрова, на прес-конференција пред крајот на минатата година рече дека биле испратени 10.000 покани до граѓаните да го платат данокот на приход остварен во странство.
– Не е поради тоа што нема пари во буџетот, туку се работи за обезбедување фер и правично оданочување со зафаќање една по една област каде што гледаме дека има ризици по даночна евазија и губење на приходи – изјави Петрова.


