Приватните болници имуни на коронавирусот

Праксата вели дека приватните болници не може да бидат исклучени од системот за спречување на ширење на коронавирусот од едноставна причина што таму одат и пациенти кои имаат симптоми на грип во амбулантите по општа медицина и педијатрија.

Товарот за справување со коронавируот останува на јавното здравство, додека приватните болници се надвор од тој систем со објаснување дека немаат инфективни одделенија, ниту пак лекари специјалисти инфектолози. Некои од нив воведуваат посебни протоколи за посета на болните заради новиот вирус, а во однос на тоа како ќе се справат со ситуација доколку кај нив се појави пациент со коронавирус, велат дека такво нешто не би требало д се случи, бидејќи според препораката на Министерството за здравство овие пациенти се упатуваат на Клиниката за инфективни болести.

Министерството целосно ги забрани посетите во јавните здравствени установи, а приватната болница „Аџибадем Систина“ воведува посебен протокол на движење при посета на болницата. Во превентивни мерки спаѓаат редовните закажани термини за прегледи и интервенции кои ќе се одвиваат непречено, задолжително носење заштитна маска при влез во болницата, посетата на пациентите се ограничува на само еден посетител во дадено време,  во посета да не доаѓаат бремени жени и деца.

„Клиничката болница „Аџибадем Систина“  има полн капацитет да врши тестирање за детекција на коронавирусот, но ги почитува препораките на Министерството за здравство и добрата клиничка пракса и, соодветно на тоа, референтни анализи и тестови за детекција на вирусот не се вршат во болницата“, објаснуваат оттаму но не даваат одговор на прашањето дали и како би можеле да се вклучат во справување со вирусот, доколку се јави  потреба.

Од „Ремедика“ оставаат простор за соработка, но каква би била таа во овој момент не може да кажат.

„Справувањето со новиот вирус е во надлежност на јавното здравство и здравствените авторитети, но доколку се појави потреба или од нас биде побарано да се вклучиме во процесот ќе се разгледа конкретно што може да се направи и секако ќе се излезе во пресрет на јавниот интерес согласно можностите и капацитетите на болницата. Треба да се каже дека во нашата болницата нема инфективно одделение ниту пак инфектолози чија што специјалност се овие дијагнози. Пациентите треба да ја почитуваат препораката доколку имаат симптоми на грип и сомнеж дека можеби имаат Ковид-9 да се обратат на Инфективната клиника“, велат од „Ремедика“.

Одговор на тоа како би можеле да се му помогне на јавното здравство во справување со новиот вирус побаравме и од болницата „Жан Митрев“, но одговор не добивме бидејќи надлежните во  оваа болница биле зафатени со организирање на настани по повод 20-годишниот јубилеј.

Праксата вели дека приватните болници не може да бидат исклучени од системот за спречување на ширење на коронавирусот од едноставна причина што таму одат и пациенти кои имаат симптоми на грип во амбулантите по општа медицина и педијатрија. Во последниве години граѓаните се почесто своите здравствени потреби ги задоволуваат во приватните болници бидејќи јавното здравство е во се полоша состојба. Овие болници се и дел од пакетите за дополнително здравствено осигурување, кое се плаќа во подобрите фирми во земјава, а услугите на овие три болници се дел од осигурителниот пакет.

Во Министерство за здравство прашавме како ќе ја спречат можноста пациент со коронвирус помош да побара во приватна болница, особено ако заразата излезе од кругот на оние кои патувале во странство и нивите контакти, со оглед на тоа дека симптомите се како и за други респираторни инфекции, но одговор не добивме.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот