Приватните автобуси остануваат паркирани, Арсовска денеска на нов оглас бара превозници

Фото: „Слобода превоз“

Деновиве кога се очекуваше градоначалничката Данела Арсовска да соопшти кому се доделени трите пакет-линии за превоз на 16 автобуски линии, со што конечно би се нормализирал јавниот превоз во Скопје, следува одново разочарување за скопјани, но и за превозниците кои се пријавија на повикот што пред еден месец го распиша Град Скопје. Арсовска денеска објави нов јавен оглас, односно го повтори оној што беше објавен на 6 март, со истите побарувања и услови како во претходниот.

Тоа значи дека претходниот оглас пропаднал, поточно бил неуспешен, засега од непознати причини, кои градоначалничката би требало да ги објасни наредниве денови. Нејасано е што е она што се случило во периодот од отворање на понудите на 27 март до денес, затоа што, според изјавите на Јовица Зафировски, кој ги предводеше преговорите со Град Скопје, приватните превозниците очекуваа наскоро даа се вратат на улиците. Тој дури и објасни дека се пријавиле за сите три пакети преку три фирми „Јофи бус“, „Вестор транс“ и преку „Радост компани“.

Но она што беше збунувачко за јавноста е молкот од Град Скопје во изминатите две недели по отворањето на понудите – немаше никаква изјава или соопштение ниту колку пријави имало на повикот, ниту по завршувањето на евалуацијата беше кажано дали некои од апликантите ги исполнуваат условите да станат дел од јавниот градски превоз.

Молкот заврши денеска со новообјавениот или повторениот јавен повик, кој е веќе четврти по ред од декември наваму. На првите два не се пријави никој.

Според денешниот оглас, исто како и претходно, градоначалничката Арсовска и Град Скопје бараат превозници на 16 линии, поделени во три пакети. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

Тоа се истите линии на кои на повеќето до протестот на превозниците пред пет месеци возеа приватни автобуси, а оттогаш до денес на нив се распоредени автобусите на ЈСП, што резултираше со сегашната состојба во градскиот превоз – недоволен број и нередовни возила на сите линии. Сега, според објавениот оглас и во наредниот период по изборот на превозниците само на дел од овие линии ќе сообраќаат заеднички и приватниците и ЈСП и тоа, како што е наведено на линиите 9, 19, 22, 62, 61 и 63, додека на останатите 10 линии од огласот ќе возат само приватниците што би биле избрани на огласот.

Доделувањето на пакетите ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавен оглас. Отворањето на поднесените пријави ќе се одржи на 27 април во 12 часот во барака број 13, а како што се наведува во огласот, пакетите линии ќе се доделуваат за период до две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Критериумите за избор на најповолна пријава, начинот и постапката подетално се дадени во документацијата за јавниот оглас, а генерално ќе се вреднуваат според следниве критериуми: возен парк, човечки ресурси, техничка логистика и искуство во вршење на општински линиски превоз на патници – се наведува во огласот.

Соред наведените критериуми ќе се врши бодување на пријавените, а во случај на ист број на бодови поповолна ќе се смета пријавата која има поголем број бодови во однос на просечната старост на возниот парк.

Денешниот оглас е ново разочарување за граѓаните кои секојдневно се движат низ градот со автобус и значи дека хаосот, кој со месеци владее во јавниот градски превоз, ќе продолжи уште најмалку еден месец, под претпоставка конечно овој оглас да биде успешен и да се изберат превозници. Надежта на скопјани дека конечно ќе завршат нивните нервози, полчасовно чекање на автобуските станици и гужвите во автобусите, за жал и овој пат беше залудна.

Во меѓувреме, Арсовска направи два обида да се „избори“ за набавка на нови автобуси со задолжување од 10 милиони евра во некоја од домашните банки, но беше одбиена од советниците во градскиот Совет. Дури и ЈСП во својата амбициозна Програма за инвестиции годинава испланирало набавка на дури 100 нови автобуси за 65 милиони евра преку субвенции.

Проектот за БРТ никогаш не започна да се реализира, а Арсовска, која по преземањето на функцијата изјави дека нема да има БРТ, неодамна го смени мислењето и изјави дека проектот се ревидира, отстранети биле недостатоците и дека е во почетна фаза, без да прецизира кога би стартувал на терен.

И  додека хасот во градскиот превоз продолжува, со сѐ помалку изгледи за негово решавање, засега сѐ друго останува на најави, ветувања, обиди, планови, неуспешни и пропаднати огласи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот