Приштина со вербална нота до СЕ откако косовската влада одлучи да му додели земјиште на манастирот во Дечани

црква EPA-EFE

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Косово, Доника Грвала испратила вербална нота до Советот на Европа (СЕ), со која го информира за денешната одлука на Владата да му ги додели спорните 24 хектари земјиште на православниот манастир во Дечане, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот премиер, Албин Курти, образложувајќи ја денешната одлука со која ѝ се наложува на Агенцијата за катастар да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за признавање на правото на сопственост на 24 хектари земјиште на Дечанскиот Манастир, рече дека тоа претставувало услов за зачленување на Косово во СЕ.

Курти напомена дека очекува кон крајот на мај годинава Комитетот на министри на СЕ да донесе одлука за прием на Косово во таа организација.

– За да постигнеме многу поголема цел што ѝ ја должиме на државата и која отвора невидени можности, мораме разумно и одговорно да направиме чекор напред како независна и суверена земја. Затоа денеска ѝ наложивме на Агенцијата за катастар на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд. Во меѓувреме, министерката за надворешни работи и дијаспора, г-ѓа Доника Гервала, испрати вербална нота со која го информира СЕ за ова прашање. На 22 март е вонредниот состанок на Комитетот таму, во средината на април е Парламентарното собрание на СЕ и на крајот на мај е Комитетот на министри во Советот на Европа кој одлучува за нашето членство, рече Курти.

Тој рече дека Владата на Косово е исправена пред две опции: да го исполни овој услов и Косово да биде примено во Советот на Европа или да остане без членство. Според него, одлуката е донесена „водејќи се од здравиот разум“.

Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но додаде дека приемот во Советот на Европа ќе биде „историска победа“ за Косово.

Судскиот процес за тоа дали е православниот манастир или општината Дечане сопственик на 24 хектари земјиште и шуми траеше од 2000 до 2016 година, кога Уставниот суд донесе одлука во корист на Манастирот.

Уставниот суд тогаш ја отфрли одлуката на Апелациониот совет на Специјалниот совет на Врховниот суд, од 2015 година, предметот да се врати во Основниот суд во Дечане и утврди дека претходната одлука на Врховниот суд од 2012 година, со кој се потврди сопственоста на Манастирот на спорното земјиште, е правосилна пресуда.

Пред три години Уставниот суд објави дека неговата претходна одлука не се почитува и побара за нејзино извршување да се заложи државниот обвинител.

Веќе неколку години земјите од таканаречената „Група Квинта“, која ја сочинуваат Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, изразуваат загриженост дека не се почитува одлуката на Уставниот суд во случајот со Дечанскиот манастир и редовно ги повикуваат косовските власти да му дозволат на манастирот да го заведе земјиштето во катастар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот